| четврток, 6 декември 2018 |

Тимот од соништата на Џиџи Буфон

По многумина најдобриот голман на сите времиња, Италијанецот Џанлуиџи Буфон го избра својот идеален состав на теренот.
Официјално е прогласен за најдобар голман во последниот четврт век. Иако нема освоено Лига на шампиони во својата кариера, во изборот ги победи великаните Шмајхел, Ван дер Сар и Касилјас.
Популарниот Супермен и натаму е страв и трепет за противничките напаѓачи, често знае да ги излуди со неговите бравурозни одбрани.
Тој ја продолжи низата која е актуелна кај врвните фудбалери и го избра својот идеален состав.

На голот е Икер Касилјас.

– Идол ми беше Камерунецот Н’Коно. Сепак, во моето време е најдобар Икер Касилјас. Имам огромно почитување кон него и знам дека тоа е заемно.

Во тимот на левата бековска позиција се најде Роберто Карлос.

– Јас сум жив сведок на неговите силни шутеви. Топката оди толку брзо што немате време да реагирате. Неверојатно!

Како централни дефанзивци се неговите колеги од репрезентацијата, Паоло Малдини и Фабио Канаваро.

– Секој млад фудбаер ако сака да игра како дефанзивец, треба да види што работел Паоло во текот на кариерата.

– Не знам дали во составот да го вметнам Фабио Канаваро. Ми ја зеде „Златната топка“ во 2006 година. Се шегувам, заслужи без сомнение, беше најдобар одбранбен фудбалер во светот во тоа време.

Десен бек е Лилијан Турам.

– Таква сила во комбинација со класата која ја имаше, ретко се гледа. Долго игравме заедно и секогаш му симнував капа.

Најдобриот креативец во средниот ред е колегата од Јувентус и италијанската репрезентација, Андреа Пирло.

– Знате што е најинтересно кога противничкиот тим ќе направи стратегија за да го чува, а генијалецот со само еден брилијантен потег ќе го урне сето тоа што го граделе.

Најголемото изненадување е името на Џенаро Гатузо.

– Можеби сум пристрасен, но никогаш немам видено таков ѕвер на теренот. Тоа што тој го правеше, беше фантастично. Вистинско богатско за секој тим.

Павел Недвед е играчот кој доби големо почитување од Буфон. Тој остана со тимот кога Јувентус беше исфрлен во втората лига заедно со Дел Пјеро, Трезеге и Буфон.

– Можеше да игра за кој било тим во Европа и таму да биде вистинска ѕвезда. Тој се реши да остане со нас. Еден од најдобрите играчи во нашето време.

Нападот го преводи Лео Меси.

– Кога игра како што знае и умее, заборавате дека играте против него. Ја следите неговата игра и го очекувате следниот потег, а во исто време станувате и навивач.

Место во тимот има и за Роберто Баџо.

– Играв против него кога беше во зрели години. Заедно со Пирло, тој е најдобриот италијански фудбалер во последните 30 години.

На крајот, Роналдо, и тоа оној Бразилецот.

– Без сомнение тој е најдобриот играч против кого сум играл. Да не го следеа повредите во текот на кариерата, секако ќе беше рамо до рамо со Пеле и со Марадона.

Секако ова е состав од кој би се плашеле сите противници, но во овој тим го нема Буфон. Секако, неправедно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top