| четврток, 6 декември 2018 |

„Медена ноќ“ на Иво Трајков вечерва го отвора Скопскиот филмски фестивал

Вечерва во кино „Милениум“ со премиера на филмот „Медена ноќ“ на режисерот Иво Трајков ќе биде отворен 18-тиот Скопски филмски фестивал, на кој до 24 април ќе бидат прикажани над 60 филмови во десет програми.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Чешка и Словенија, со Верица Недеска и Никола Ристановски во главните улоги, снимен целосно во Скопје во 2013 година.

Се случува на прослава на националниот празник на новоформираната независна држава Република Македонија, кога е и 10-годишнината од бракот на еден заменик министер (Никола) и неговата сопруга (Ана).

– Во текот на линеарното дејство, кое се одвива во една ноќ, во која кулминира брачната криза на главните протагонисти, низ флеш-бек секвенци од прославата, ја следиме втората наративна линија на оваа приказна каде се отсликува професионалниот живот и искушенијата на Никола, инволвиран во еден политички скандал во неговото министерство, во врска со приватизација на едно државно претпријатие. Во текот на бурните расправии меѓу Никола и Ана, од причина што тој заборавил на годишнината од нивниот брак, на виделина излегуваат сите нивни проблеми, фрустрации и тајни…информира македонската продукција „Кавал филм“.

Продуцентот Роберт Јазаџиски вчера на прес-конференција рече дека сценариото е инспирирано од новелата „Уво“ на Јан Прохаска од 1960-тите, кој се смета за еден од најдобрите сценаристи на чешката кинематографија.

– По оваа новела е снимен и истоимен филм, кој бил веднаш забранет, и пуштен во 1991. Ние го адаптиравме сценариото за 90-тите години од минатиот век, тоа ни изгледаше некако соодветно. Во моментот кога ние го правевме сценариото немаше ништо поинтересно на политички план, рече Јазаџиски.

Во екипата се и актерите Александар Микиќ, Бранко Бенинов, Митко Апостоловски, Сабина Ајрула, Игор Ангелов, Криштоф Хадек, Јитка Шнајдерова…

Директор на фотографија е Милорад Глушица, монтажата е на Андрија Зафрановиќ, сценограф е Иван Бартлинг, костимограф Жаклина Крстевска, а музиката ја компонираше Тони Китановски.

На вечерашната премиера е најавено присуство на екипата на филмот, кој ќе биде редовно на репертоарот на „Милениум“ од 25 април, по завршувањето на Скопскиот филмски фестивал.

До 24-ти април СФФ ќе прикаже над 60 филмови и ќе има придружни настани.

Фестивалот ќе се одржува во „Милениум“, „Фросина“ и во Кинотеката на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top