Двомечот меѓу Вардар и Кјелце во четвртфиналето на Лигата на шампионите има посебен шарм и поради семејството Дујшебаеви. На спротивните страни ќе бидат таткото Талант како тренер на полскиот тим и бекот на Вардар и негов син Алекс како еден од главните адути на „црвено-црните“ за успешен од кон фајналфор турнирот во Келн што би бил историски успех за македонска машка екипа.
Ќе биде ли Талант галант за Алекс, или што е многу поверојатно ќе се обиде со сите сили да најде рецепт како да го сопре својот син во налетите кон голот на Жмал.
Дујшебаев јуниор игра извонредно во Вардар и експресно стана миленик на скопската публика, особено на симпатизерите на „црвено-црната“ боја. Квалитетот го потврдува со извонредни изданија на секој меч, а особено блескаше против полскиот тим Висла Плоцк. На двата дуели постигна вкупно 19 голови, што е феноменален учинок за осминафинале во реномирано натпреварување какво што е Лигата на шампионите.
Неговите бравурозни потези и голови и борбеноста се движечка сила на Вардар, даваат енергија на паркетот и предизвикуваат кулминација на навивачките страсти. Ангажманот на Алекс Дујшебаев е една од најдобрите инвестиции на сопственикот на Вардар, Сергеј Самсоненко, вистински џек-пот што воодушевува со својата игра. Интересно е што на пат кон Скопје беше и неговиот татко Талант, кој беше кандидат за тренер на „црвено-црните“ пред ангажманот на Раул Гонзалес. До договор не дојде, иако Талант беше во Скопје и следеше еден меч на Вардар во ланското издание на ЛШ, против Барселона.
Сега тој ќе биде на спротивната страна како еден од главните адути на Кјелце. Огромното играчко искуство, како еден од најдобрите средни бекови во историјата на ракометната игра, му дава право да се надева, особено што Кјелце има вистински дрим-тим, но многу работи во новиот македонско-полски двомеч ќе зависат и од неговиот син Алекс Дујшебаев.
Кој ќе биде победник ќе се знае некаде кон средината на април, а возбудувањата и семејното надитрување кај Дујшебаеви ќе почне на паркетот во Скопје, во салата „Јане Сандански“ во термин од 8-12 април. Кулминацијата ќе се случи во Полска во реваншот предвиден за една седмица подоцна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.