Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ во сабота (14 март) премиерно ќе ја изведе англиската комедија „Погребални игри“ од Џо Ортон. Режијата е на Југослав И. Кочоски, а играат Марјан Чакмакоски, Јасмина Мицовска -Станкоска, Михајло Миленкоски, Димитар Црцороски и Александар Тодески. Сценографијата е на Бојан Маневски. Како што соопшти денеска на средба со новинарите раководителот на ансамблот Стојан Дамчески, оваа е прва премиера годинава и прва претстава на младиот режисер Кочоски со Прилепскиот театар.
– Кочоски е режисер-дипломец од Софија, Бугарија, од класата на професорот Красимир Спасов и ова му е магистарска претстава, прва професионална режија во Македонија, рече Дамчески и најави дека Театарот годинава ќе направи пет претстави од кои три со финансиска поддршка на Минситерството за култура.
Според режисерот Кочоски, задоволство е да се соработува со екипата на прилепскиот театар.
– Се работи за типично англиска црна комедија, класична актерска претстава во која нема многу гласно смеење, но има потсмевање за состојби кои пречат во општеството. Текстот е пишуван во 60-ите години на минатиот век, но се уште е актуелен. Насловот на текстот го променивме. Првично се најавуваше како „Плен“, но го насловивме „Погребални игри“ како што всушност и оригинално авторот го насловил текстот кога го создавал. Прилепската е образована публика и се надеваме дека претставата веднаш ќе допре до неа – рече Кочоски.
Актерот Чакмакоски смета дека публиката ќе го препознае хуморот во претставата.
– Текстот е многу податлив. Во претставата има мртовец и грабеж на пари. Тоа предизвикува ситуации на кои публиката веднаш ќе реагира. Задоволство беше да се работи со режисерот Кочоски – истакна Чакмакоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.