| четврток, 6 декември 2018 |

Гоце Смилевски гостин на „Традуки“ на Саемот на книга во Лајпциг

Гоце Смилевски ќе биде гостин на штандот на Европската преведувачка мрежа „Традуки“ на Меѓународниот саем на книгата во Лајпциг, Германија, што се одржува од утре до 15 март. Во програмата на „Традуки“ средбата со Гоце Смилевски ќе ја води литературниот критичар Јорг Плат, а ќе учествува и Бенјамин Лангер, преведувач на романите „Разговор со Спиноза“ и „Сестрата на Зигмунд Фројд“, објавени на германски јазик. Гоце Смилевски утре, во 20 часот, во театарот „Факт“ (Fact theater) во Лајпциг, ќе настапи во програмата со наслов „Да се раскажува европската историја“ (“Europäische Geschichte erzählen”). Модератори на вечерта ќе бидат Анемари Турк и Клаудија Дате.

Во програмата на Саемот на книгата во Лајпциг ќе учествуваат четириесетина писатели од светот, меѓу кои и Гинтер Грас, Херта Милер, Мирчеа Картареску, Петер Естерхази, Даша Дрндиќ, Фарук Шехиќ и Амос Оз. Европската преведувачка мрежа „Традуки“, со седиште во Берлин, на реномираниот Саем на книгата во Лајпциг е постојан организатор на програмата во која се опфатени европските јазици, меѓу кои и македонскиот.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top