| четврток, 6 декември 2018 |

Името Македонија повторно ја стави во сенка суштинската расправа за напредокот на Република Македонија

Evropski parlamentРасправата за напредокот на Македонија во 2014 година во Европскиот парламент на пленарната сесија во Стразбур, траеше 80 минути и во неа учествуваа над триесет европратеници, јавува дописникот на МИА од европската престолнина.

Најголемиот број од учесниците во расправата, ако се изземат тие кои доаѓаа од Грција без разлика на нивната политичка обоеност, се изјаснија дека е потребно да се изгласа утре резолуцијата предложена од словенечкиот европратеник и известувач за Македонија Иво Вајгл. Односно, тие се заложија уште еднаш, по деветти пат, да препорачаат почеток на преговори за членството на Македонија во Европската унија.

На ова се спротивставија европратениците од Грција, без разлика дали се од крајната десница и левица, кои повикаа да се гласа против резолуцијата.

Како што можеше да се очекува, учесниците во дебатата беа поделени меѓу поддржувачите на евроинтеграциските процеси на Македонија и тие кои сакаат да ја прикажат земјата во најцрно светло, за да го оправда недавањето датум за почеток на преговори.

Актуелната ситуација во Македонија, според грчките европратеници, е потврда дека таа не ги изполнува условите за почеток на преговори. На тоа одговорија пријателите на земјата, кои сметаат дека на Македонија сега и е потребно да и се помогне за да ги надмине проблемите, повикувајќи ги политичарите од сите партии во Македонија да покажат одговорност.

Пријателите на Македонија не ја криеја загриженоста од развојот на политичката ситуација со последните афери и бараат нејзино расветлување. Ричард Ховит во името на социјалистите и известувач во сенка, нагласи дека Европската Унија мора да признае дека и таа има одговорност за актуелната ситуација.

Од своја страна грчките европратеници не ја криеја иритираноста од користењето на името Македонија од страна на известувачот Иво Вајгл, како и на другите, посебно хрватските европратеници, ставајќи ја на еден начин во втор план расправата за напредокот на земјата. На ова Андреј Пленковиќ и Иво Вајгл дадоа исти аргументи, Хрватска и Словенија ја признаа Македонија под нејзиното уставно име, користењето на тоа име не значи дека тие не ја почитуваат Грција, барајќи од своите грчки колеги да се свртат кон иднината и да не се занимаваат со минатото.

– Стабилна и ервопска Македонија е во полза на нејзините соседи, на Европската Унија, и на самите Македонци, нагласи Пленковиќ.

Комесарот за проширување Јоханес Хан од своја страна пред ЕП исто како и Занда Kалнина–Лукашевица во името на претседателството со ЕУ, инаку државен секретар на Латвија за европски работи, инсистираа на потребата од конструктивен инклузивен политички дијалог, барајќи и од владата и од опозицијата да покажат политичка одговорност и да влезат во политички дијалог за да ги решат отворените прашања и за да ги оставарат потребните реформи за евроинтеграцијата.

Јоханес Хан ја поздрави улогата на европратениците Кукан и Вајгл кои ќе се обидат да помогнат во ова, а Занда Kалнина-Лукашевица нагласи дека Советот на ЕУ ќе се наврати на праашњето за доделување на датум за почеток на преговорите, врз основа на новиот извештај и дијалогот на високо ниво и промовирање на прифатливите решенија за името. Според неа, на нашата земја и треба поддршка од ЕУ, но таа доаѓа под услов таа да покаже подготвнесот и волја која самата треба да ја искаже.

На нацрт-резолуцијата на Иво Вајгл за утрешното гласање се поднесени девет нови амандмани.

Едниот е предложен од известувачот кој се однесува на усогласувањето на македонското законодавство со тоа на ЕУ, како и подобрувањето на правосудниот систем.

Четири се предложени од грчките европратреници од редовите на владејачката Сириза Софиа Сакорафа, Костас Крисогнос, Неоклис Силииотис и Такис Хаџигергиу поддржани од Шпанецот Хавиер Кусо Пермуи. Амандманите се однесуваат на добрососедските односи, така што тие ја бранат истата позиција како и нивните претходници од десницата, инсистирајќи на почеток на преговорите само откако ќе бидат решени билатералните недоразбирања.

Грчките леви радикали бараат и бришење на делот од резолуцијата кој бара од земјите на ЕУ кои се членки на НАТО да го поддржат активно зачленувањето на нашата земја во НАТО.

Тамаш Мешсчерич од групата на Зелените бара на пример да се повлече проектот за изградба на браната на Маврово, или пак инсистирањето на Зелените кое го повторуваат со години дека ако се дојде до компромисно сложено име за земјава, тогаш од тоа да не бидат погодени македонската нација, идентитет, јазик и култура.

Мешсчерич инсистира и на тоа да се внесе во резолуцијата дека беше погрешно што Јункер јавно кажа дека нема да има проширување на ЕУ во наредните пет години што, според него, е опасен преседан и може да се одрази негативно на мобилизараноста на земјите од регионот за да ги спроведуваат потребните реформи, како и да се ослаби перцепцијата што регионот ја има за ЕУ.

Групата на Зелените инсистира во резолуцијата да бидат појасно ставени проблемите на релација влада – опозиција.

Гласењето е предвидено утре напладне.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top