| четврток, 6 декември 2018 |

Транспарентноста и професионалноста клучни за успешни јавни набавки

am cham

Само фер и транспарентно спроведени јавни набавки може да бидат од корист за државата, бизнисот, компаниите, даночните обврзници и инвесторите – е заклучокот од денешната конференција што ја организира Американската стопанска комора.

Според амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли, јавните набавки не се само распишување тендер или пишување чекови, туку одлуки што ги донесуваат институциите/фирмите, независно дали се јавни или приватни. 

– Ако набавката е процес, тогаш, не само што треба да биде напишана на хартија како закон, туку треба и да се имплементира во пракса. За жал, во мојата земја, како и во Македонија и во други земји набавките во јавниот сектор не секогаш се фер и транспарентни. Може законите и процедурите да бидат добри, но во пракса спроведувањето на јавните набавки е многу потешко – посочи Бејли.

Како што напомена амбасадорот, во однос на јавните набавки треба да се обезбедат еднакви услови за сите компании, да се овозможи фер конкуренција бидејќи тоа ја јакне и ја прави здрава економијата.

– Добро е кога Владата практикува создавање услови за конкурентност на компаниите како поле за натпревар – додаде Бејли, укажувајќи на неопходноста од одговорност кон даночните обврзници, инвеститорите и пазарите.

Негов став е дека покрај евентуалното постоење добра легислатива, како ќе се спроведат јавните набавки зависи и од професионалноста на компаниите, односно институциите. Добро обучени и вешти набавувачи играат главна улога во менаџирањето на ресурсите и во превенирањето на корупција и лошо менаџирање, заклучи Бејли.

И Даниел Гордон, советник на програмата за јавни набавки при Универзитетот Џорџ Вашингтон, порача дека не е важно само да се носат добри закони, туку и да се развива професионална работна сила со цел регулативата за јавни набавки да се спроведе како што треба.

– Транспарентноста е секогаш клучна. Но, од различни причини во јавните набавки кај многу земји има висок степен на корупција – рече Гордон.

Како што оцени претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија Штефан Петер, за компаниите транспарентноста на пазарот е најбитна.

– Учесниците на пазарот мора да имаат еднакви права. Така конкуренцијата се зголемува и се добиваат вистинските цени, што не подразбира и ниски – подвлече Петер.

Професијата – спроведување набавки во приватниот и јавниот секторЌ кај нас се уште е во развој поради што и се организираше тркалезната маса. Присуствуваа претставници од државните институции и бизнисмени – членови на Американската стопанска комора.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top