Планираме растот на БДП просечно годишно да се движи меѓу 3 и 4,5 отсто, буџетскиот дефицит постепено да се намалува и до 2020 година да достигне до 2 отсто од БДП, а просечната стапка на инфлација да изнесува под 2 отсто годишно.
Ова го порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на денешната средба со стопанствениците од Тиквешкиот регион, членови на Стопанската комора на Македонија и нагласи дека финансискиот сектор и натаму ќе остане стабилен.
Стопанствениците од „Кожувчанка“ ДОО Кавадарци, „Градба промет“ Кавадрци, „Гоце Делчев Тиквеш“, КИМ Неготино, Душан Ќириќ, Фени индустри, „Мепос оператива“ Кавадарци, „ Алијанс оне“, „КАВ комерц“ Кавадарци, „Хидро Бошава“ Кавадарци, „Урбан Инвест“, „Селекта“ и „Велком трејд“ ги поддржаа мерките од програмата „Реално“ наменети за бизнисот.
– Предвидено е намалување на цената за приватизација на градежно изградено земјиште за стопански и производни објекти за 15 во едни, и за 25 проценти во други региони. Продолжуваме со оданочувањето со 0 отсто данок на реинвестирана добивка, како и со политиката на ниски даноци и намалување на стапката на ДДВ од 18 на 5 отсто. Ќе има ослободување од царински давачки и ДДВ за специјални такси возила за превоз на лица со инвалидност и намалување на акциза за „намешани“ биогорива, и ослободување од плаќање на увозни давачки за наши државјани од пограничниот појас, за производи добиени од нивните имоти, порача Груевски.
Нагласи дека поддршката за македонските компании ќе се зајакне и со финасиски продукти преку Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР).
– Ќе се обезбедат дополнителни средства за кредитната линија од Земјоделскиот кредитен дисконтен фонд (ЗКДФ), преку дел од компензациските фондови во износ од минимум 3 милиони евра и преку буџетски средства во износ до 4 милиони евра. Ќе се подобрат условите на кредитната линија за производство, преработка и извоз на земјоделски производи, што е битно за агро-преработувачката индустрија во функција на навремен откуп на земјоделските производи и плаќање кон земјоделците-кооперанти, рече Груевски.
На располагање за оваа намена, потенцира, се 10,8 милиони евра, за што ќе се зголемат износите на кредит до 800.000 евра за сите кредитни категории, ќе се продолжат роковите на отплата – до 8 години рок на отплата и до 2 години грејс период за градежни работи, до 5 години рок на отплата и до 1 година грејс период за набавка на опрема, механизација и инвестиции во други движности, до 3 години рок на отплата и до 6 месеци грејс период за обртни средства.
– Осигурувањето на кредити за подготовка на извоз, најмногу до 70 отсто од главницата и договорната камата, ќе биде наменето за поддршка на перспективни и брзо растечки компании кои имаат квалитетни извозни програми. Ќе има и осигурување на гаранции при учество на тендери за изградба на инфраструктурни објекти, испорака на капитални добра или друг вид на опрема со поголема вредност, нагласи Груевски.
Кредитите за финансирање на проекти од областа на енергетската ефикасност, појасни, ќе се наменат за реализација на проекти од областа за ефикасност за објекти, набавка на опрема, транспортни возила и слично, и тоа преку револвинг фондот во износ од околу 2 милиони евра и посебната кредитна линија од околу 2 милиони евра.
– МБПР ќе продолжи и со реализацијата на кредитната линија од ЕИБ со која ќе се изврши репласирање на вкупно 101 милиони евра со особено ниска и фиксна каматна стапка до 5,5 отсто годишно, како и долги рокови за отплата до 8 години за инвестиции и до 3 години за обртни средства, рече Груевски и нагласи дека преку оваа кредитна линија досега се пласирани 350 милиони евра.
Освен комплетирањето на изградбата на веќе основаните зони, посочи, предвидени се и дополнителни средства за основање и изградба на ТИРЗ Скопје 3 и формирање на уште најмалку три зони и тоа во Куманово, Липково, Гостивар и Маврово-Ростуша.
– Со проектот ИТ-зона која ќе се формира во ТИРЗ Скопје 2, пак, ќе се привлекуваат странски компании од областа на информатичката технологија. Ќе инвестираме и во формирање на нови индустриски-зелени зони во подрачја каде ќе има потенцијал за развој и реализација на нови инвестиции. Предвидени се и специјални поволности за привлекување и отворање на истражувачко развојни центри, кои ќе бидат лоцирани во ТИРЗ-овите или надвор од нив, и со кои ќе се стимулира развој на апликативната научна истражувачка дејност, технолошки развој и иновации на компаниите, во сферите како што се: биоекономија, енергетика, животна средина, нано-технологии, ИКТ,…, рече Груевски.
Пакетот мерки во овие центри, како што појасни, предвидува ослободување од плаќање персонален данок и придонеси за вработените во период од 10 години, и од плаќање царина и данок за научно истражувачката опрема.
– Поволностите ќе можат да се корисат во сферата на развојот на софтвер доколку 90 отсто од лицата се нововработени, додека во останатите области доколку најмалку 70 отсто од лицата се нововработени. Ќе има и готовински грант во зависност од инвестицијата во износ од 10 отсто од вкупната инвестирана вредност, но не повеќе од 500.000 евра и други поволности, нагласи Груевски.
Би го издвоил и Фондот за еквити и мезанин инвестиции, кој е новина, и кој, додаде, ќе обезбеди пристап до финансии за микро, мали и средни претпријатија, како и старт ап претпријатија, кои развиваат нов или значително подобрен производ, услуга, процес или бизнис модел, развиваат технологии, и имаат потенцијал за брз раст или се извозно ориентирани.
– Преку Фондот за иновации и технолошки развој ќе продолжиме со подршка на комерцијализацијата на иновации со 5 милиони евра, посочи Груевски на средбата со стопанствениците од Тиквешијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Орбан: Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Груевски
-
Орбан: Сорос е впуштен во прогонот против Груевски, а тој е мој соработник!
-
Груевски: Добив сознание дека ми се подготвува ликвидација
-
Коалицијата „Сите за правично судење“ ја оспорува професионалноста на МВР за обезбедување на Груевски