Трговската размена меѓу Македонија и Бугарија да достигне една милијарда долари до 2017 година и да се изгради магистралата Скопје Софија што ќе го скрати патувањето од сегашните четири, на два часа.
-Ова се приоритетите на Македонско бугарската стопанска комора (МБСК) што беа истакнати на денешната работна средба со бизнис делегацијата предводена од претседателот на Бугарската социјалдемократска партија- Александар Томов.
Како што рече претседателот на МБСК Зоре Темелковски, за унапредување на деловната соработка е неопходно и надминување на бариерите од минатото што ги оптоваруваат двете земји во речиси сите сфери. На средбата, информира Темелковски, стана збор и за заеднички настап на трети пазари, а од македонска страна е побарана бугарска поддршка и лобирање за европските проекти, посебно во делот на прекуграничната соработка.
-Се надеваме дека Комората ќе биде сериозен партнер на двете Влади за европските проекти, а Бугарската социјалдемократска партија добар лобист во оваа насока- изјави Темелковски додавајќи дека во многу скоро време очекува и конкретни резултати од денешната средба.
Според него, членките на МБСК се луѓе со идеи согласно европските начела поради што и Комората е одличен репрезент на двете држави. Претседателот на Бугарската социјалдемократска партија Томов искажа максимална поддршка за македонските евроинтеграции и напомена дека се прават сериозни чекори за што поскоро зачленување на Македонија во ЕУ. Како што нагласи Томов, изградбата на магистрала меѓу Софија и Скопје е еден од големите европски проекти кои, за жал, се движи многу бавно.
- Односите меѓу Македонија и Бугарија на економски план не се на посакуваното ниво зашто можностите се многу поголеми. Многу е важно да слушнеме за конкретни проекти како што беше случај денеска, но и да работиме на нив со претставниците на македонскиот бизнис- напомена Томов.
Откако почна функционирањето на Македонскобугарската стопанска комора размената посочи Темелковски беше 460 милиони долари, а лани достигна 800 милиони. Тоа, подвлече претседателот на Комората, покажува дека визиите се остварливи ако се има јасна идеја, замисла и цел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Македонија има потенцијал да има успешна економија – Стопанската комора одбележа 95 години работење
-
БДП меѓу 3 и 4,5 отсто и намалување на буџетскиот дефицит до 2 отсто; Груевски на средба со тиквешките стопанственици
-
Стопанската комора наместо да критикува, ќе нуди решенија
-
Стопанската комора бара разрешување на проблемот со камионџиите