Граѓанското здружение за одбрана на Македонија на вечерашната трибина во Битола порача дека одбраната на парламентарната демократија во државата е услов за европска интеграција на Македонија.
Караванот на здружението патува од град во град и има единствена цел да ја одбрани Македонија од сите актуелни опасности, посочи Виолета Ачковска, една од челниците на здружението кое вечерва престојуваше во градот под Пелистер.
-Целта е јасна, а тоа е одбрана на македонската држава од сите опасности кои деновиве ги гледаме, одбрана на парламентарната демократија како услов за европската интеграција на Македонија. Сите проблеми да ги решаваме на демократски начин, граѓаните да ги избираат владите и парламентарните групи, а не насилно и на улица или со монтирани процеси каков што деновиве води опозицијата на чело со Зоран Заев – истакна Ачковска
На трибината во Битола беше појаснета актуелната општествено-политичка ситуација во државата гледана од различни аспекти, и како што беше нагласено, опасностите кои демнеат од странско сценарио кое Македонија треба да ја стави на колена.
-Тоа што сега се прави во државата, и предизвикува голема штета на угледот на Македонија и според нас тоа е едно странско сценарио кое треба да ја стави Македонија на колена, да ја обезвредни во очите на европската јавност и на тој начин да ни се каже дека не треба да имаме држава, односно да се уништи македонската држава и затоа е оваа наша борба, борба да опстане државата, посочи Ачковска.
Режисерот Љубиша Ѓоргиевски во своето обраќање истакна дека не го прифаќа кодошкиот менталитет на опозицијата и соработката со странски служби.
-Иронијата е во тоа што тие се нарекуваат борци за слобода и демократија. Комунизмот никаде на власт не дошол преку избори. Борците за демократија го дерогираат парламентот. Тие се деца што си играат политика, а таа игра може да прерасне од играчка-плачка. Го напаѓаат судството, се напаѓаат. Господ да не чува од таа демократија што ќе ја донесат комунистите, нагласи Ѓоргиевски.
Народот сака заштита, а здружението му припаѓа на сите граѓани и затоа секој треба му пристапи и да го поддржи, порача актерот Тони Михајловски на вечерашната средба со битолчани.
-Не треба да се плашиме. Само единството ќе не одбрани од сите непријатели. Македонецот треба да се обедини во финалната пресметка со оние што сакаат да го разнебитат народот, оние што ја поставија поделбата во далечната 1991 година, и поништувањето на овој народ мора да запре како процес, тивкиот геноцид против нас треба да се спречи со ова модерно востание. Дури и сите протести кои наводно се за хонорари, законот за образование и слично, испаѓа дека се за рушење на поредокот во државата, нагласи актерот Тони Михајловски.
На вечерашната трибина во Битола говореа и членовите на здружението Александар Пандов кој предочи дека Битола секогаш знаела како се брани својата земја, а таа сега е нападната од домашни предавници помогнати од странство, Миленко Неделковски, Братислав Димитров и Тони Науновски кој нагласи дека за да продолжи историскиот континуитет на државата треба да се презентираат фактите и автентичните сознанија за Македонија бидејќи, како што рече, нашата држава е секој од нас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.