Тренерот на македонскиот ракометен вицепрвак Вардар, Раул Гонзалес беше задоволен од играта на неговите избраници кои синоќа во Лигата на шампионите го победија Монпелје и останаа во трка за втората позиција на табелата во групата Ц.
– Ова беше важен натпревар за нашата екипа, и задоволен сум што успеавме да го одиграме договореното. Монпелје е лидер во францускиот шампионат, што доволно говори за квалитетот на екипата. Сепак, ние одигравме квалитетно и сосема заслужено стигнавме до победата, иако воопшто не беше лесно. Следниот викенд го играме клучниот натпревар за второто место во групата – изјави Гонзалес на прес-конференцијата по натпреварот.
Еден од најзаслужните за триумфот на „црвено-црните“ беше Тимур Дибиров. Левото крило на Вардар постигна 12 гола, и го предводеше својот тим до шестата победа во ЛШ оваа сезона.
Тој е задоволен од формата во која се наоѓаат ракометарите на Вардар, и најавува борба за двата бода и на гостувањето во Германија.
– Најпрво честитки за екипата на Монпелје, која одигра многу квалитетен натпревар. Тие секогаш играат со исто темпо, без разлика на моменталниот резултат. Ние го знаевме тоа, па не им дозволивме да ја преземат контролата на мечот. Нашата игра влева многу оптимизам, и верувам дека на последниот натпревар во Германија може да победиме и на крајот да останеме второпласирани во групата –изјави Дибиров.
Вардар во СЦ „Јане Сандански“ го совлада Монпелје со 30:26.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.