На 31 јануари се празнува Свети Атанасиј Велики. Архиепископот Александриски, наречен и око на црквата, е еден од најголемите богослови на црквата. Во црковната химнографија тој е нарекуван стол на црквата, голема труба на вистината и неспоредлив борец од првите борбени линии. Роден е во Александрија, во христијанско семејство од грчко потекло. Се образувал во Александриската катихетска школа и во подвижничката школа на египетските монаси, каде што се здобил со елинско енциклопедиско образование, но и со црковно-богословско. Неговиот спомен се празнува на 15 мај и на 31 јануари, односно 2 мај и 18 јануари по стар стил.
Празникот Свети Атанасиј народот го смета за средина на зимата и се верува дека најголемите студови веќе се поминати. Оттаму во народното верување Атанасиј е победник над силните студови и мразови, кои му се паднале при поделбата на должностите меѓу светците. Сепак, како предупредување дека зимата не е замината, односно дека студовите може да изненадат останала изреката: Атанас фрли кожувот ја врз нас ја врз рас. Во гевгелискиот крај се сметало дека Свети Атанас, кој е среде зима, е лесен празник, не е аталија (кобен) и се празнувал до пладне, а потоа и да се работи не се сметало за грев.
Свети Атанасиј е домашен празник на многу семејства, но и на цели села. На местото каде што е сега црквата „Св. Атанасиј“ во селото Луково, луѓето се собирале на панаѓур, а подоцна кога виделе некакви знаци, како пламен од земјата и слично, на тоа место изградиле црква. Постојат многу преданија и за црквата во селото Модрич. Едно од нив вели дека ако чуварот заборавел да го запали кандилото, тоа само се палело. Се раскажувало и тоа дека некои Турци што ги навредувале иконите во црквата ослепеле. Според друго предание, во турско време вратата од црквата секогаш била отворена, но ако се случило некој сејмен да влезе и да украде 300 гроша, кога ќе се обидел да излезе, вратата се затворала. Се отворала дури откако ќе ги врател парите на истото место. Сејменот потоа ги советувал сите да прават што сакаат, но да не чепкаат во црквата. И денес таа црква не е заклучена.
Марко Цепенков во своите записи забележал дека Св. Атанасиј во Прилеп бил празник што го одбележувале кантарџискиот и ковачкиот еснаф. Во Радовиш, пак, Св. Атанас се сметал за овчарски празник, го празнувале куќите што чувале овци и на тој ден не работеле за да не им ги изедат волци.
Овој христијански празник е слава на секоја куќа во Новаци. Таму верниците од рано наутро се упатуваат во селската црква, која го носи името на овој светец, каде што се служи божествена литургија, прават лепче и палат свеќи за здравје и за бериќет, а попладнето, пак, пречекуваат гости кои ги служат со богато подготвена трпеза.
– Верските празници се многу важни за нас, па секогаш кога имаме можност, ги празнуваме заедно со останатите жители на Новаци. Црквата во Новаци го носи името на свети Атанасиј, заштитник на Новаци – велат жителите на Новаци.
На овој ден именден празнуваат Атанас, Танас, Тане, Танаска, Насе, Насте…
Најпознат манастир посветен на овој голем светец е манастирот „Свети Атанасиј Велики“ во тетовското село Лешок. Црквата „Св. Атанасиј“ е подигната во 1335 година од страна на јеромонахот Антониј, подоцна долгогодишен епископ под името Јоанакие. Како обновувач на манастирот се спомнува и полошкиот епископ Никанор. Кон крајот на 17 век извесно време црквата била напуштена, а потоа во неа живеел Кирил Пејчиновиќ. Тој во 1818 година го обновил монашкиот живот во манастирот и создал богата библиотека. Во дворот на црквата се наоѓа гробот на Пејчиновиќ, а во манастирските конаци оригиналната надгробна плоча со текст испишан од неговата рака.
Црквата „Свети Атанасиј“ е православен храм, главна црква на манастирот на Балтепе, сместен на тетовското кале. Спаѓа во Четвртата тетовска парохија. Црквата е подигната на темелите од постара манастирска црква, која заедно со целиот манастирски комплекс потекнува од крајот на 13 век, од истиот период кога бил подигнат и манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во месноста Плоча на Шар Планина. Таа има основа на слободен крст со централна купола, а на западната страна има широк нартекс, над кој се наоѓа кула камбанарија. Ѕидана е од камен, бигор и од тула, а подот е покриен со мермерни плочи. Во црквата е пронајден саркофаг со моштите на ктиторот.
Денешниот изглед црквата го добила со изградбата во 1922 година. Градена е од кршен камен во продолжен малтер, со полуцилиндричен свод однатре, со дрвена покривна конструкција со метална ламарина како покривач. Прозорците се дрвени, со профилирани украсни решетки. Во денешно време имотот на црквата е оспоруван, но во 1923 година била добиена катастарска тапија за „сопственост на црквата со авлијата”, заверена од тогашниот Првостепен суд во Тетово. Музејот на тетовскиот крај со свој документ потврдува дека наведениот простор е предаден во трајно владение и користење на тетовското архијерејско намесништво на МПЦ. Инаку, црквата за време на двете светски војни повеќе пати била уривана и обновувана, а во поново време ја освети митрополитот Кирил. Во чест на 2000 години од христијанството, дојде идеја да се постави крст на камбанаријата со поголеми димензии од стариот поради што почна и целосна реконструкција на манастирската црква. За да се заштитат фреските и иконите, беше извршена реконструкција на покривната конструкција на црквата, а поради дотраеност, камбанаријата сосема беше урната и на истите површина беше подигната нова. Нејзината висина од дното е 9,20 метри, на која според сите православни обичаи треба да се постави крст висок 6 метри.
Во воениот конфликт во 2001 година црквата беше урната и подоцна повторно обновена, а во 2014 година беше ограбена. Сторителите го обиле едниот прозорец, влегле во црквата и од касата за прилози од верниците зеле пари, а за да излезат ја оштетиле и влезната врата, како и ламарината од помошната просторија, каде што, исто така, пребарувале и расфрлале.
Тоа било трето оштетување на црквата „Свети Атанасиј“ на тетовското кале откако претходно двапати биле оштетени поставените светилки на оградата околу црквата.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 126. број на неделникот „Република“, 30.01.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Националната телевизија од Естонија ќе снима репортажа за Македонија
-
Кашкавалот од Лазарополе се продавал дури и во Египет
-
„Македонија: земја на питите, страста и изобилството“: прекрасна странска репортажа за храната
-
Јадранскиот град кој полека умира: Беше иднина на Мусолини, стана жртва на систематско запоставување