– Бројните дипломатско-конзуларни претставништва придонесоа за одлуките за инвестирање во Македонија како онаа на американски „Капкон“ во што беше интензивно вклучен нашиот конзул во Њујорк. 2014 година најмногу треба да ја мериме по тоа и во таа насока е многу успешна и охрабрувачка за Македонија – изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски кој денеска во Скопје има средба со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во светот.
– Би биле задоволни кога во 2015 би можеле да ги намножиме успесите на економски план и да продолжиме со конструктивната комуникација со сите земји, особено со нашите соседи – вели Попоски.
Тој оценува дека како една мала земја како Македонија најважно е колку добри ќе ни бидат односите со соседите, а ова е и еден од приоритетите во надворешната политика за 2015 година во контекст на политичките задачи во чиј фокус останува ЕУ-интеграцијата.
Втор приоритет е економската дипломатија, а третиот е интензивирање на грижата за македонските граѓани надвор од земјата.
За Попоски охрабрувачки е и ставот на новиот еврокомесар за добрососедски односи и преговори за проширување Јоханес Хан кој согледува дека давањето препораки од ЕК и нивното нереализирање од Советот на ЕУ не функционира како рецепт и мора да се овозможи легитимен напредок за Македонија и нејзиното приближување кон ЕУ.
– Пристапниот дијалог на високо ниво овозможува да продолжиме да работиме на реформи со ЕК чекајќи погодна клима во Атина да овозможи правото и аргументите да го надминат билатералниот спор. Амбасадорите оваа недела ќе имаат средби со целиот државен врв на кој ќе добијат препораки за дејствување во идната година – рече шефот на дипломатијата.
Според министерот Попоски, вториот приоритет односно економската дипломатија е и најзначајна работа од аспект на привлекување на инвестиции и можности за извоз, а во тој контекст ќе бидат именувани нерезидентни амбасадори кои ќе бидат стационирани во Скопје, а би биле исклучително посветени во земји и пазари со кои Македонија има потенцијал за соработка.
Во делот на грижата за македонските граѓани надвор од земјата, Попоски го посочи пилот-проектот кој ќе почне да се реализира од идната година за издавање имотни листови од неколку ДКП кој доколку е успешен би се проширил на целата мрежа. Од почетокот на следната година треба да почне да работи и Инфоцентарот кој ќе биде достапен за македонските граѓани 24 часа седум дена во неделата, а во таа насока го спомена и проектот со мобилните станици за олеснување на вадењето патни исправи за македонските граѓани во странство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.