
Македонија да ги зачува автохтоните семиња, тие да бидат основа во земјоделството затоа што гарантираат производство на одржлива храна со органолептички квалитет, без да се уништува и контаминира животната средина, без какво било влијание врз човечкото здравје, без употреба на вештачки ѓубрива, порачаа учесниците на синоќешната конференција што ја организираа младите од „Слоу фуд Македонија“.
Како што беше речено, автохтоните семиња, од нашето поднебје, одгледувани најмалку 50 години, добиени со природно опрашување, не со хибридизација, се одлично приспособени на средината, отпорни се кон се поактуелните климатски промени поради што овозможуваат економски рационална продукција со користење помалку вода.
Употребата на автохтони семиња значи и намалена зависност од увоз, како и сигурен пласман.
– Вистинската свест за тоа што е во чинијата почнува со првата алка во синџирот на исхраната – семето. За жал, ретко кој од нас се прашува како се создадени плодовите што ги јадеме, од каде потекнуваат. Речиси никогаш не размислуваме за тоа. Не им паѓа на памет ниту на тие што редовно ги читаат декларациите на производите, ниту, пак, на луѓето што имаат зеленчукови градини. Не знаат од каде доаѓаат семињата што ги користат, а главно се купени од трговската мрежа – истакна Ивана Поповска од „Слоу фуд“.
Според професорката Сузана Кратовалиева од Државната фитосанитарна лабораторија, мора да се засили одговорноста кон автохтоните семиња како природни ресурси. Нивното „враќање“ ќе значи препознатливост на македонскиот производ.
– Во процесот се засегнати сите, особено земјоделците, младите фармери и институциите – истакна Кратовалиева, укажувајќи на потребата од размена на семиња, пред сè, преку поврзување на производителите, поголема промоција и обезбедување соодветна помош за управување.
Професорката подвлече дека семињата се основниот елемент на суверинитетот на храната и гаранција за нејзината сигурност.
Македонија моментно располага со 3.000 примероци автохтон семенски генофонд. На т.н. арка на вкусови, пак, креирана од меѓународната „Слоу фуд“ за заштита на агробиодиверзитетот, односно на традиционалните земјоделски производи, во светски рамки, се наоѓаат и 15 македонски, меѓу кои собра гравче, колешински кикиритки, планински чај од Галичица, калинки од Валандово, буковски пипер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


