Само една недела откако Светиот синод на МПЦ реши во своите храмови да се користи албански јазик, на поглаварот на ИВЗ, реисот-ул-улема му успеа тоа што не му успеало на ниту еден македонски верски или политички лидер во последниве 60 години. Ако се изостави премиерот Груевски, кој како лидер на најнационалната македонска партија што се гордееше со својата христијанска идеологија успеа во највисоките партиски тела и на високи државни позиции да постави стотина Македонци со исламска вероисповед, а местата каде што живеат овие напатени луѓе да бидат негови редовни дестинации, ниту еден друг македонски лидер досега не покажал интерес да ѝ помогне на оваа група македонски граѓани. Затоа и покрај тоа што позициите на поглаварот на ИВЗ се изградени на база на исламско–етничка агенда, сепак Груевски треба да му се заблагодари на Реџепи затоа што тој успеа кај Македонците христијани да го разбуди чувството за братска поврзаност со нападнатите од ИВЗ и покрај религиозните разлики. Во таа вечна игра каде што Македонците со исламска религија, кои уште се нарекуваат и Турци што говорат мајчин македонски јазик, Помаци и Торбеши (партијата ПЕИ на Фијат Цановски дури побара тие да биде признаени како посебна национална група), позицијата на овие вредни напатени луѓе секогаш зависела од односите меѓу поголемите и посилни етнички и верски групации во земјата. Најголемиот дел од Македонците христијани никогаш не ги прифаќаше поради нивната вера, Албанците не ги сакаат поради тоа што го говорат само македонскиот јазик и се меѓу најлојалните граѓани на модерната македонска држава. Всушност, поглаварот на ИВЗ со својата изјава со која сакаше да ги присвои во својот етникум (иако тој предводи наднационална организација) ги предизвика Македонците христијани, конечно, да сфатат дека како што покојниот претседател Трајковски беше припадник на протестантската црква, така десетици илјади, а, можеби, и повеќе од 100.000 македонски граѓани се чувствуваат како дел од македонската нација, а не се православни христијани.
Колумната на поглаварот на ИВЗ во која зборува за злоупотреба на Македонците муслимани, при што без никакво оградување ги пресметува како дел од албанскиот народ, тој говори за земјотрес што наближува во „македонскиот кампус“, кој, според него, наскоро ќе остане национално малцинство.
Познавачи на околностите во регионите каде што најчесто живеат Македонците муслимани тврдат дека Реџепи е во право кога вели дека наближува земјотрес, но за неговата верска заедница. Силниот удар што му го зададе американскиот Стејт департмент, кој индиректно го обвини за матни зделки при издавањето визи за аџилак во Саудиска Арабија, изградбата на џамијата во која своите верски обреди ги прават прилепските Роми, неуспехот во ИВЗ да се привлечат Ромите од Шуто Оризари, незадоволството на македонските Турци, кои за да присуствуваат на молитва на мајчин јазик треба да патуваат десетина километри и тоа само еднаш во неделата, се само дел од причините што поглаварот Реџепи покрај цитати од Кант, Маркс и Енгелс, мора да користи и радикални зборови. Иако по природата на неговата позицијата тој најмалку има право да навредува, да присвојува, да дели правда или вербално да силува.
Стравот од компромисот што го направи со радикални структури во неговата ИВЗ и јавното признание дека тој веќе нема контрола над најмалку две џамии во центарот на Скопје, е друга важна причина за неговата несигурност поради која јавно удира на, можеби, најранливиот и најслаб дел од муслиманските верници во Македонија.
Додека беше жив Селимовски, Македонците муслимани постоеја
За поранешниот пратеник Љатиф Пајковски има неколку прашања на кои Реџепи не даде одговор во својата нелогична колумна, која предизвика силни реакции во јавноста. Пајковски прашува како е можно Реџепи да тврди дека Македонците муслимани се измислена нација кога до пред само две години, до неговата смрт, негов најблизок соработник беше поранешниот прв човек на ексјугословенската ИВЗ, ефенди Јакуп Селимовски, човек што точно знаеше што е по религија, а што по националност и никогаш не го криеше тоа. Според него, поглаварот на ИВЗ се плаши од враќање на македонските муслимани во својот род, а со тоа и од намалување на заедницата на која тој ѝ припаѓа, а со тоа и намалување на процентот предвиден со Рамковниот договор.
Во својата колумна во која обидот на ВМРО–ДПМНЕ да ја исправи децениската неправда кон Македонците муслимани, кои најчесто живеат во Кичевско, Гостиварско, Дебарско, Прилепско, Скопско и во неколку други региони, го нарекува сатанска операција, Реџепи во старт ја одзема можноста македонската нација да е составена од различности, како што е случајот кај албанската нација каде што има и муслимани, и католици и православни христијани. Тој се гордее со светото тројство кај Албанците, а на Македонците, без никаков аргумент, им го одзема тоа право. За Пајковски е нејасно зошто поглаварот се нафрла на Македонците што ѝ припаѓаат на исламската религија, а за браќа ги смета припадниците на неговиот народ што не се муслимани туку христијани, православни или католици.
Свесно или, можеби, и несвесно Реџепи и самиот во колумната наведува зошто некој со исламска религија би се чувствувал како Македонец. Секако, тој се обидува најчистиот македонски јазик, кој го говорат Македонците муслимани, да ѝ го припише на некаква асимилација за која досега науката не кажала ни збор, како што и науката и историското наследство говори за насилната верска асимилација што ја доживувале Македонците во рамките на Османлиската Империја. Но Реџепи поради анализата на Хегел и авторите на Комунистичкиот манифест Маркс и Енгелс немал време да прочита некои од авторите што пишувале за оваа појава, толку честа на балканските простори. Или, едноставно, не сака да говори на теми што не му одат в прилог.
Еден милион муслимани во МакедониJа
Поглаварот на ИВЗ во својата колумна како вистински политичар говори за уште една појава, која не може да се провери. Според реисот Сулејман Реџепи, во Македонија живееле еден милион муслимани, но не дава ни приближна аргументација како дошол до оваа бројка, иако во земјава немало попис 12 години, а според последниот бројките беа многу помали од тие со кои сега се расфрла Реисот. Но поважно од бројките, можеби, во овој контекст е неговата закана во име на сите муслимани од Македонија според која тие ни по една цена нема да се согласат со заокружување на „ѓаволскиот стремеж“ на ВМРО – ДПМНЕ во македонската државотворност да се вклучат Македонците муслимани. На ова недостигаше само најава за света војна за заокружувањето на нелогичните тези, кои систематски ги промовира лидерот на Исламската верска заедница. За среќа, дури и дел од неговите соработници во ИВЗ, и најголем дел од муслиманите и од христијаните, и Албанци и Македонци, се убедени дека, Сулејман Реџепи, иако сѐ уште може да предизвика големи штета, повеќе треба да се гледа како дел од историјата отколку од иднината.
(Текст објавен во 117. број на неделникот Република, 28.11.2014)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.