| четврток, 6 декември 2018 |

Турските лекари му го спасија животот на битолчанчето кое испи отров

Трагичната семејна драма во која четиригодишно дете од Битола се напи корозивно средство, кое му го изгоре хранопроводникот, по што тоа со денови се бореше за живот, на крајот доби среќен епилог. Неговиот живот е спасен од искусните лекари на најпознатата педијатриска болница во Истанбул – Турција, пишува Вечер.

Како што информираат од Фондот за здравствено осигурување на Македонија детето од 22 ноември годинава е пуштено на домашно лекување, во добра здравствена состојба, но со препорака дека треба да има посебен режим на исхрана.

-Сите трошоци за детенцето се на товар на државата и од Фондот се пресреќни што по две успешни интервенции на хранопроводникот во турската болница детето се чувствува добро и во солидна здравствена состојба се враќа во родниот крај-информираат за Вечер од оваа здравствена институција.

Додека го чекаа опоравувањето на детенцето, вработените од Скопската клиника за уво нос и грло се уште не можат да се соземат од семејната драма која се случувала на почетокот на овој месец. Заради невнимание на родителите, детето кое сакало да се напие вода се напило од средство за миење садови и за чистење на рерна.

Како што објасниле родителите од јаката хемиска состојка и силна болка тоа започнало да вришти и за неколку секунди настанал хаос во нивниот дом. Детето повраќало, од болка плачело и се борело за воздух.

Родителите во паника со сопствено возило се упатиле кон болницата во Битола, а притоа по патот им се случила и сообраќајна несреќа, при што во коматозна состојба сите биле примени во битолската болница.

Лекувањето на детето се одложило за неколку дена, при што состојбата му се влошила и било транспортирано на Универзитетската клиника за уво, нос и грло во Скопје, која е референтен центар во државава за третман на оваа патологија.

По примањето на детето, лекарите деноноќно се бореле за неговиот живот. Но заради ризичната состојба, по препорака на лекарите од Клиниката за детска хирургија и со одобрување од Фондот за здравствено осигурување, детето со изгорен хранопроводник итно е пренесено на лекување во Турција.Во болницата во Истанбул направиле се што е во нивна можност, а резултатот е спасен детски живот.

Искуството на македонските лекари покажува дека дваесетина дечиња годишно без да сакаат се трујат од разни хемиски препарати. Токсиколозите велат дека многу е важно за какво средство станува збор, во која количина е испиено и дали навреме се интервенира. Тие предупредуваат дека труењата со корозивни средства се многу тешки, бараат долг третман и скапо лекување. Кај некои дечиња за жал остануваат и доживотни последици.

Лекарите укажуваат дека при овој вид на труења најмногу страда хранопроводот, кој има три физиолошки стеснувања и таквите течности предизвикуваат спазам – затворање на проодноста на хранопроводот и задржување на течноста, со што уште повеќе се продлабочуваат хемиските изгореници на лигавицата на хранопроводот.

-Ако се испие сумпорна киселина, лигавицата добива сивозелена боја и многубројни оштетувања и улцерации. Од азотна киселина стануваат жолто-сивкасти, а понекогаш и зеленикави изгореници. Солната киселина, која е многу агресивна, предизвикува слични оштетувања како и сумпорната. При труење со базни течности настануваат промени со бели слоеви, кои се меки, лигавицата се лупи и настанува т.н. некроза – изумирање на ткивото и создавање лушпи од ткивото-објаснуваат лекарите.

Статистиката пак презентира други податоци. Македонија во европски рамки е високо на листата по труењето со корозивни средства, но и со прекумерно пиење на апчиња, најчесто седативи. На овој начин во просек околу 700 лица годишно им направиле проблем на македонските токсиколози. Тоа значи дека во просек од еден до двајца дневно во земјава намерно се трујат со апчиња, а еднаш неделно има и по еден случај на обид за самоубиство со пиење на солна киселина.

Најголем број од намерните труења се од Скопје, а возрасната граница е од 35 до 55 години. Причина за овие тешки труења се недоразбирања или кавги во фамилијата, а помалку поради љубовни проблеми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top