Култниот модерен македонски хип хоп состав „Грин аут“ (GreenOut) со концерт ќе го промовира неодамна издадениот албум „Рапаноја”.
За оние кои сакаат вистински хип хоп, Тонио Сан, ЛД Пистолеро и Фулиш Грин (Tonyo SAN, LD Pistolero,Foolish Green) ветуваат целовечерна хип хоп револуција овој четврток (27.11), во МКЦ, како презентација на албумот, кој го издаде Suriken Records.
„Грин аут“ e хип хоп трио, составено од три уметници со микрофонот, кои зад себе веќе имаат едно албумско издание („Некои скопски бандити”, 2009). Антонио Арангеловиќ (Tonyo SAN), Владимир Пешков (LD Pistolero) и Ненад Стефаноски (Foolish Green) се дел од новиот бран хип хоп артисти, кои во досегашните кариери имаат сериозен број солистички проекти како и членувања и соработки со бројни музички имиња како Легијата, Против Сите, STR2, Алтернативниот состав на Foolish Green итн. Препознатливи по своите автентични freestyle настапи, овие момци имаат реализирано повеќе од 100 настапи и концерти во Скопје и низ Македонија, па ова ќе биде уште еден во низата одлични настапи, посветен на издавањето на вториот албум на составот.
Концертната промоција на „Рапаноја” е закажана за 27.11, во денсинг салата на МКЦ со почеток во 21:30.
Цената на билетите во претпродажба е 150 ден., на влез 250 ден. За првите 200 посетители се обезбедени 200 гратис албуми. Билетите можат да се набават во билетарницата на МКЦ.
За крај, „Грин аут“ го најавуваат и специјалниот гостин на настанот – DJ Гоце САФ.
Подетални информации можат да се најдат на официјалниот евент за настанот, како и официјалната фан страна на составот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.