Словачка игра импресивно во квалификацискиот циклус за пласман на ЕП во Франција 2016 година, а изгледот на табелата во Ц групата им годи на Марек Хамшик, Јан Ѓурица, Мартин Шкртел и останатите репрезентативци на оваа земја. Пред гостувањето во Скопје, утре, Словаците се лидери со максимален ефект од 3 победи и 9 бода.
„Задоволни сме од игрите и резултатите. Убаво е да сте пред селекции од калибарот на Шпанија и Украина, но не смееме да летаме во облаци. Фаворити сме против Македонија, но тоа важи само на хартија, на терен треба да докажеме дека сме подобри. Македонија е класичен пример на балканска репрезентација, а таму секогаш е незгодно. Грото играчи им играат во странство што го потврдува квалитетот и не алармира дека ќе ни биде тешко. Сепак Словачка игра добро, имаме екстра квалитетни фудбалери, искусни интернационалци, кои остварија одличен ефект досега. Мечот против Македонија може да ни донесе мирно продолжение на квалификацискиот циклус и веруваме во нова победа“, изјави словачкиот селектор Јан Козак.
Фудбалската експедиција на Словачка утринава од Братислава тргна кон Скопје, за дуелот против Македонија на „Филип втори“ арената, што е закажан за утре од 20,45 часот.
Досега двете селекции играа меѓусебе 6 пати, а Словаците имаат одличен скор против нас од 4 победи и две нерешени. Македонија има постигнато само еден погодок против следниот наш гостин во квалификацискиот циклус за пат во Франција на ЕП за две години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.