Анатолиј Тимошчук е единствениот интернационалец во украинската репрезентација што селекторот Фоменко го повика за дуелот против Македонија. Играчот за врска е еден од најискусните играчи во селекцијата што денеска во Лвов ќе ни биде противник во третата квалификациска рунда за пат во Франција на ЕП 2016 година. Членот на руски Зенит има огромно искуство, настапуваше за неколку силни европски клубови, меѓу нив и за Баерн Минхен, а вели дека не смее да се потцени Македонија.
„Во нашата група од стартот има изненадувања, пресврти, неочекувани резултати, што значи дека нема лесни противници. Луксембург е аутсајдер, но погледнете како играат. И против нив не можете да сметате на сигурна победа. Затоа воопшто не смееме да ја потцениме Македонија, а се надевам дека со поддршка на публиката ќе продолжиме со серијата победи во Лвов“, вели Тимошчук.
Украина забележа значајна победа во Борисов против Белорусија, а со тоа се врати оптимизмот во таборот на еден од фаворитите во Ц групата, по поразот дома од Словачка.
Македонија славеше против Луксембург, но селекторот Бошко Ѓуровски се соочи со многу проблеми. Поради повреда нема да играат Ибраими, Демири и Мојсов, што значително ја отежнува мисијата да се остане непоразен во Лвов. Мечот почнува од 18 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


