Македонската филхармонија ја почнува новата концертна сезона со извонредна уметничка екипа и со богат музички репертоар. Кажете ни малку повеќе за тоа?
Чаначевиќ: За неколку дена, поточно на 2 октомври, во новиот МНТ ја почнуваме јубилејната, 70. по ред концертна сезона на единствениот симфониски оркестар во нашата држава, националната гордост, Македонска филхармонија. Оваа сезона, навистина, се потрудивме да биде посебна, малку поради јубилејот, а уште повеќе поради тоа што сметам дека секоја следна сезона треба да биде подобра од претходната. Тоа е добро поради публиката, но и поради оркестарот. Секој оркестар во светот мора да напредува, па дури и најдобриот. Така е и со нас. Кога на сцената имате солист од највисок ранг, диригент кој е авторитет во светот, и пристапот на музичарите е поинаков. Тоа, пак, од друга страна, е атрактивно и за публиката, а и задоволството е обострано. За оваа сезона подготвивме врвни солисти, диригенти и изведба на композиции кои едноставно се сметаат за „класици“ во класичната музика или, пак, композиции кои ќе ги доживеат премиерните изведби во Македонија. Голем број македонски солисти, но и изведба на македонски композитори, особено композициите што беа наградени како најдобри на конкурсите што ги објави и финансираше Министерството за култура. Има повеќе инспиративни наслови, како Волшебна флејта, Руска ноќ, Месечина и минимализам, Ах тие летни ноќи, Бурлеска, Големите класици итн. Како и досега, нема да ги заборавиме ниту најмладите, за нив во оваа сезона следуваат симфониските концерти кои ќе бидат со специјално подготвена и избрана содржина, концерти на кои им се радуваме сите. И, секако, не изостануваат изненадувањата, па и оваа сезона ќе празнуваме со еден прекрасен концерт на Дуке Бојаџиев и неговите пријатели од САД, како и со музиката од најпознатите видеоигри. На крајот на сезоната, традиционално, се гледаме во градскиот парк на „Види музика, слушни слика, добиј книга“. Македонската филхармонија со задоволство настапува и во другите градови на нашата земја, каде што имаме прекрасна публика на која очигледно ѝ недостига нашиот оркестар. Секој наш концерт во градовите е празник за граѓаните и навистина имаме толку многу покани да настапуваме што веројатно половина од нашата сезона ќе треба да ја одржиме надвор од Скопје. Се обидуваме колку што е можно повеќе да ги посетиме и другите концертни сцени и да им подариме музика на граѓаните кои немаат можност да нѐ следат во текот на целата наша сезона.
Годинава Македонската филхармонија одбележува значаен јубилеј – 70 години од постоењето. Како ќе го одбележите јубилејот?
Чаначевиќ: Кога се планира еден таков настан, кој е навистина значаен, многу е тешко да се задоволат сите вкусови и сите аспекти на тој свечен чин. Сепак, музиката со својата универзалност и безвременска димензија овозможува поширок избор, па, водени од тие компоненти, одлучивме јубилејот да го празнуваме со големите руски композитори Прокофјев и Чајковски. Така, за овој концерт имаме чест и огромно задоволство што заедно со оркестарот ќе настапи еден од најмоќните и најрепрезентативни пијанисти во моментов, а тоа е Борис Березовски, кој веќе ѝ е познат на македонската публика со неговите брилијантни концертни настапи. Заедно со него имаме фантастичен диригент, кој првпат ќе настапи на нашата сцена, а тоа е маестро Дмитри Лис. Јас сум убедена дека овој концерт ќе се памети не само поради тоа што е јубилеен туку и поради уметниците, кои се исклучителни и фантастични. Освен овој концерт, ние посветивме уште два други концерти на кои ќе настапат исклучително македонски уметници и ќе бидат изведени композиции од македонски уметници. Со тие три концерти направивме пресек на тоа што би значело македонска и светска музичка уметност.

Реализиравте значајни проекти и настапи со истакнати музичари. Се чини дека на публиката најголем впечаток ѝ остави настапот на Македонската филхармонија со Дерик Меј на отворањето на „Охридско лето“. Планирате ли уште такви проекти?
Чаначевиќ: Веројатно добро е познато дека токму Македонската филхармонија е пионер и прва институција што ги отвори вратите за други музички жанрови. Уште во 2008 година почнавме со концерти на кои ги спојувавме етномузиката, џезот, електронската музика, потоа преминавме на филмски теми, музика од Бродвеј, рок-симфонии, дискотреска и што ли уште не. По нас, и други институции и фестивали почнаа да внесуваат во своите програми нешто што, кога ние го работевме, го критикуваа како недостојно. Јас и тогаш, а и сега знам дека тоа што го направивме беше вистински чекор за да го доближиме оркестарот до секој поединец што сака музика воопшто, и успеавме во тоа. Сега, по седум години, сите знаат за нас и кого и да прашате ќе ви каже дека барем еднаш бил на спектаклот на отворено во парк. Е сега, да се вратам на концертот на Дерик Меј, кој помина одлично и незаборавно. Многу ми е драго што Огнен Узуновски успеа да го реализира тој концерт, и тоа помина одлично, и се надевам дека повторно ќе се случуваат такви проекти. Сепак, би сакала да споменам дека Филхармонијата треба да се помни повеќе по концертите на класична музика, но за тоа се потребни време, насочување и едукација. Во моментов Филхармонијата има своја публика, и тоа, морам да кажам, прекрасна публика која навистина знае што сака и што е добро, но што повеќе таква публика и луѓе што ќе нѐ поддржуваат и ќе уживаат во нашето музицирање.
Со изградбата на зградата на Македонската филхармонија ќе се реши горливиот проблем со кој се соочувате изминатите години, да работите и да опстојувате без свој сопствен дом. Кога би можеле да очекуваме да концертирате во новата зграда?
Чаначевиќ: Тоа е еден од најтешките моменти во историјата на овој оркестар. За среќа, на нашите преселби и проблеми им се гледа крајот. Според новите најави за завршување на концертната сала, би требало кон крајот на следната година објектот да биде готов и ние, конечно, да се вселиме и да го почнеме нашиот нов концертен живот. Но, јас искрено верувам дека нашата публика ќе нѐ следи и поддржува како и досега и ќе се насладува и ужива во сето тоа што ние го подготвивме за оваа јубилејна концертна сезона.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 109. број на неделникот „Република“, 3.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Маја Чанаќевиќ не е повеќе директорка на Македонска филхармонија
-
Новата концертна сала на Филхармонија мора да се види и мора да се слушне!
-
„Париз, те сакам“ – вечер полна со безвременска музика
-
Македонска филхармонија не нарачува музичка критика и ќе се држи до високиот квалитет на изведба по секоја цена!


