| четврток, 6 декември 2018 |

Македонска филхармонија не нарачува музичка критика и ќе се држи до високиот квалитет на изведба по секоја цена!

Се сеќавам дека на почетокот имаше многу критичари што коментираа дали на ваквите концерти местото им е во програмата на Филхармонијата, при тоа морам да кажам дека тогаш малку се смеевме на тоа, а сега се смееме уште повеќе поради нивното непознавање на музиката и нивото на изведба, односно ниското ниво на изведба. Се смееме иако, можеби, треба да плачеме затоа што, за жал, веќе нема никаква музичка критика, со чест на ретките исклучоци, а тоа е погубно за музичката култура, вели Чаначевиќ

Македонската филхармонија во последните десетина години, покрај т.н. класичен, железен репертоар, одржува концерти и со малку поинаква содржина. Се приклучува кон светските струи, кон она што се нарекува мејнстрим и во Европа. Некои тоа го критикуваа, некои го поддржуваа, но токму концертите што опфаќаат и поинакви жанрови се привлечни за пошироката музичка публика. Оркестарот неодамна настапи со Јан Гилан, а следуваат и концерт на француска шансона, концерт со музика од познати видеоигри итн… Какво е Вашето размислување за оваа практика?

Чаначевиќ: Во музиката во последните дваесетина години почнаа нови трендови, нови струи, кои, пак, неминовно ја погодија и класичната музика. Со напредокот на технологијата и начинот на живот воопшто почна да се менува и класичната музика. Се разбира дека тоа не се однесува на начинот на изведба или, пак, на правилата што важат во класичната музика, ниту, пак, смее да се однесува на квалитетот на она што еден оркестар ќе го презентира. Во таа смисла, отидени сме многу напред, конкуренцијата е огромна, начинот на изведба се доведува до совршенство, просториите во кои се концертира исто така. Она што, можеби, е новина, а на што сакам да обрнам внимание е тоа дека многу оркестри почнаа да излегуваат од рамките на „конзервативно“ претставување на класичната музика и почнаа да прават различни проекти кои ќе бидат прифатливи за пошироката публика. Како и во сите останати правци во уметноста, така и класичната музика доживеа некаков вид модернизација. Она што е многу важно, а ние како институција му даваме приоритет, е балансот на ваквите проекти наспроти останатите концерти во концертната сезона и, се разбира најважното, нивниот квалитет и ниво. Како што веќе е познато, во Македонија токму Македонската филхармонија е пионерот во воведувањето на оваа новина и отворањето на вратите кон останатите жанрови и фузии со симфониски оркестар и многу сме горди на тој факт бидејќи во последните години (веројатно инспирирани токму од нашиот успех во овој сегмент) се појавија многу вакви проекти кај нас, но, за жал, не секогаш со оправдан квалитет и врвни изведби. Посакувам да е поинаку бидејќи од првиот концерт, кој се случи во сезоната 2007/2008, до денес секој ваков проект на Македонската филхармонија е направен со огромно внимание, пред сѐ, внимавајќи на квалитетот на тоа што ќе се изведува. Се сеќавам дека на почетокот имаше многу критичари што коментираа дали на ваквите концерти местото им е во програмата на Филхармонијата, при тоа морам да кажам дека тогаш малку се смеевме на тоа, а сега се смееме уште повеќе поради нивното непознавање на музиката и нивото на изведба, односно ниското ниво на изведба. Се смееме иако, можеби, треба да плачеме затоа што, за жал, веќе нема никаква музичка критика, со чест на ретките исклучоци, а тоа е погубно за музичката култура. Македонска филхармонија не нарачува музичка критика и ќе се држи до високиот квалитет на изведба по секоја цена, а историјата ќе покаже дали сме биле во право. Засега публиката нѐ поддржува и постојано се враќа на нашите концерти, а тоа, сепак, е најважно за нас, за уметниците, за сите вработени во оваа институција. Ние ќе продолжиме во таа насока, со нови интересни проекти кои веќе се во оваа сезона, меѓу кои се и циклусот „Алхемија“, концертот „Париз, те сакам“ и проектот „Видеоигра“… и, се разбира, без многу помпа и надуен маркетинг, а со многу поголем акцент на врвниот квалитет, продолжуваме сето она што е ново и атрактивно во светот, да ѝ го презентираме и на нашата драга публика.

maja-canacevic-kult220-2

Неодамна се одржа првиот симфониски концерт за деца во новата сезона, насловен „Суперхерои“. Какви други изненадувања ѝ подготвувате на Вашата најмлада публика? Што ќе може да се проследи во текот на оваа сезона?

Чаначевиќ: По „Суперхерои“ и суперконцертот што го одржавме, а поради големиот интерес, одлучивме да не ги ускратуваме уживањето и радоста на многу дечиња и да го репризираме истиот концерт на 26 ноември. Традиционално, пред новогодишните празници одржуваме и соодветен новогодишен концерт, кој и оваа година ќе ги израдува децата, а верувам и возрасните. Но, тоа е само почеток на она што ние би сакале да го направиме за музичката едукација на најмладите, кои се нашата најважна публика. Со преселбата во новиот објект, во концертната сала, освен редовните симфониски концерти за најмладите, подготвуваме и многу различни едукативни проекти, работилници, различни концерти со цел да се научат дечињата од нивната најмлада возраст што, всушност, е класичната музика, да ја запознаат нејзината ненадмината и вечна убавина, но и вредност. Преку игра ќе се обидеме да ги едуцираме и да се обидеме да ги научиме на вистински вредности кои понатаму, кога ќе бидат возрасни, ќе можат да им послужат во градење на нивниот вкус и избор на тоа што ќе слушаат. Сепак, музиката, а и уметноста воопшто, е апсолутно неопходна за секојдневното функционирање на секој човек. Таа е убавината што го крепи нашиот дух.

 

Неодамна беше најавено пуштањето во функција на новиот објект на Македонската филхармонија. До каде се градежните работи? Дали пуштањето би се случило околу Нова година?

Чаначевиќ: Планираме веќе во првото тромесечје од 2017 година да се вселиме во новиот и долгоочекуван објект, концертната сала на Македонската филхармонија. Со огромна радост и возбуда го очекуваме тој историски момент за нас, вработените во Македонската филхармонија, но и за сите музички уметници, секако и за нашата публика. Веќе сите добро ја знаеме постојната состојба и несоодветното „пребивање“ во објект кој полека, за жал, умира… Но, сметајќи дека тоа е минато за нас, веќе и не се осврнуваме на тоа, туку сега зборуваме и живееме за моментот за кој долги години сите ние мечтаевме, а тој е толку блиску и тоа ни дава надеж дека почнува нова ера и нова историја за нашата институција, но и за македонската музичка уметност. Очекувањата се големи, можеби и преголеми, но знаејќи со каква посветеност и внимание се гради овој објект, верувам дека нашите очекувања ќе бидат исполнети. Да се настапува во соодветен акустичен простор (концертна сала) е огромна радост за секој уметник. Да се престојува и работи во објект граден по врвни светски стандарди е навистина чест и задоволство за секој вработен во Македонската филхармонија. Верувам дека уметничкиот и креативен живот во новата сала ќе донесе многу убава музика и несекојдневни музички доживувања, како за нас, уметниците, така, уште повеќе, и за вас, нашата публика и поддржувачи сиве овие години. Исто така, се надевам дека ќе успееме на овој објект да му вдахнеме живот, а со тоа да го направиме и центар на урбаното живеење во нашиот град.

 

Програмата на Македонската филхармонија за оваа сезона веќе е позната. Дали се подготвува нешто посебно за новогодишните и за божикните празници?

Чаначевиќ: Некако станаа традиционални тие настани, што воопшто не е лошо. Македонската филхармонија секоја година прави концерт пред новогодишните празници, а од пред неколку години и божикен концерт. Се обидуваме секогаш, како и за сите наши концерти во текот на целата концертна сезона, да понудиме интересна програма и нешто што ќе биде соодветно за секоја пригода. Пред Нова година, на 15 декември, ќе имаме еден навистина фантастичен настан, и со огромно задоволство ќе го најавам Душко Гојковиќ и неговиот ансамбл кој ќе настапи заедно со нашиот оркестар. За оние од помладата генерација, кои можеби и не знаат многу за Душко, ќе кажам само дека се работи за еден од најдобрите џез-музичари во Европа, а можеби и во светот од постарата генерација. Човекот што свирел и настапувал со Мајлс Дејвис, Дизи Гилеспи, Стен Гетз и сите оние вистински џез-мајстори, ќе го видиме во живо во Скопје. Душко е музичар кој има напишано многу композиции инспирирани токму од Македонија и можеби и затоа нам ни претставува огромна чест што тој ќе биде наш гостин. Меѓу другите членови на неговиот квартет, ќе настапи и нашиот фантастичен контрабасист Мартин Ѓаконовски-Шпато, кој ѝ е добро познат на нашата публика. Верувам дека ова ќе биде концерт за паметење, а и самата средба со една ваква легенда претставува навистина уникатен настан.

За Божик, пак, како и претходните години, ќе изведуваме дела од светската музичка литература кои се на некој начин поврзани со овој празник, но и воопшто композиции кои се сметаат за бисери од класичната музика. Со оглед на универзалноста на музичкиот јазик, како и магијата која ја има самата музика, верувам дека публиката ќе ужива во изборот што ќе го направиме. „Без зборови“ е нашето мото, а ние музичарите секогаш сакаме да кажеме дека таму каде што престануваат зборовите продолжува музиката, која живее вечно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top