По 73 години, Македонската филхармонија, конечно, ќе го добие својот дом, а на 21 мај свечено ќе биде пуштена во употреба концертната сала со ексклузивен настап на Симон Трпчевски и на еден од најдобрите диригенти во светот, Русинот Владимир Ашкенази. По тој повод поразговаравме со директорката на Македонска филхармонија, Маја Чаначевиќ.
Госпоѓо Чаначевиќ, Македонската филхармонија, конечно, ќе добие свој нов дом, нова концертна сала. Можете ли накусо, за почеток, да ни ја опишете внатрешноста од новиот музички храм, иако верувам дека наскоро сите ќе го видат, но малку да ни откриете дел од мистеријата?
Чаначевиќ: Неколку дена нѐ делат од денот кога Македонската филхармонија ќе го одржи првиот концерт во новоизградената концертна сала, концерт што има историско значење и цивилизациска придобивка за Република Македонија. По долгите години чекање, работа во несоодветни услови во Домот на армијата, смрзнување во зима и задушување од топло во лето, конечно, овие уметници, можеби едни од најнапатените, ќе го почнат својот „втор“ нов живот во простор што е соодветен и достоен за изведба на музичките дела. Во концертната сала ќе ги имаме сите услови што ги имаат и најдобрите оркестри во светот. Објектот е прекрасен, изграден е во духот на времето што го живееме, со модерен, но минималистички израз, опремен со одлична опрема за снимање и за работа на уметниците, но и со убава акустика, која ќе ѝ овозможи на публиката за првпат да ги слуша концертите на овој оркестар во простор што е специјализиран за таа намена. Концертната сала визуелно изгледа многу топло, со испрекршени ѕидови, кои, освен акустичките карактеристики, даваат и еден сосема поинаков визуелен ефект. Главниот влез и фоајето на овој објект, пак, се направени во бела боја и со црн мермер, а убавите заоблени тавани и галеријата ве пренесуваат во еден поинаков свет. Но, колку и да се обидувам да ја опишам убавината со која, навистина, плени оваа концертна сала, нема да успеам, тоа едноставно МОРА ДА СЕ ВИДИ и мора да се СЛУШНЕ!
Изградбата на новата концертна сала на Македонската филхармонија траеше долго, но сигурно чекањето се исплатува. Но, во ова тешко време, некои ќе кажат дека залудно се трошат пари на културата. Какво е Вашето мислење?
Чаначевиќ: Навистина долго траеше оваа градба на објектот, но за мене, искрено, многу поважно беше што таа се заврши и, што е направена, навистина, квалитетно. Секогаш може да се најдат многу забелешки за сѐ, но мора да се нагласи дека е објект што почна со градење во 2009 година и оттогаш до денес многу позиции се променија на подобро, сѐ со цел да се добие квалитетен објект, кој ќе ги задоволува светските стандарди за тоа што е концертна сала. И, се разбира, секогаш постоеле и ќе постојат дебати дали на една држава што не е најбогата ѝ е потребен ваков објект, дали треба да се трошат пари на уметност и на култура. Јас секогаш ќе кажам да, потребен е не само еден ваков објект туку, можеби, и уште еден и повеќе. Ако ние како држава не ги поддржиме уметниците, уметноста, културата, тогаш не можеме да очекуваме никаков прогрес ниту, пак, растеж во истата таа држава. Читав во една статија дека вложувањето во културата, всушност, е многу исплатлива инвестиција бидејќи таа кога-тогаш ќе ви се врати, а најважното од сѐ се граѓаните и задоволувањето на нивната насушна духовна надградба.
Новата концертна сала најмногу ќе им значи на музичарите, конечно, ќе добијат соодветен простор за работа и за одржување на концертите. Какви се нивните реакции, но и од тоа дека првпат на сцената во новиот дом ќе застанат славните – маестро Владимир Ашкенази и нашиот пијанист Симон Трпчески?
Чаначевиќ: Сите вработени во Македонската филхармонија се многу возбудени, на моменти дури и самите не можеме да поверуваме дека, навистина, минатата недела го отсвиревме последниот концерт во домот на армијата. Не можеме да веруваме дека веќе следната недела ќе имаме концерт во новата концертна сала. Да се настапува во соодветен акустичен простор (концертна сала) е огромна радост за секој уметник, особено за нас, од филхармонија, бидејќи досега не сме ја имале таа привилегија. И како што веќе најавивме на свечениот концерт, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија ќе настапат две мегаѕвезди од класичната уметност. Маестро Ашкенази, за кого може многу да се зборува, но ќе кажам дека е тој жива легенда, име што не знам кога повторно ќе можеме да го видиме во Скопје. За Симон, пак, што да се каже, ги освојува сите светски концертни сцени, како Симон од Македонија, и еве за најголемиот настан во историјата на македонската музичка култура ќе настапи заедно со нашиот оркестар. Концертот е уникатен и по тоа што ќе се одржи само еднаш и тој единствен момент на возбуда, енергија, флуид, магија што ќе ја почувствуваме на 21 мај, ќе остане запаметена и никогаш нема да се повтори. Ќе имаме уште многу концерти во таа сала и посакувам сите тие да бидат успешни како и овој, но, ниту еден од нив нема да биде „првиот концерт“ на кој за првпат ќе ги слушнеме првите звуци на нашиот оркестар.
Имаше многу дискусии, особено на социјалните мрежи, за цената на билетите, за некои е превисока, некои, пак, сметаат дека и таква треба да биде за настан од ваков вид.
Чаначевиќ: Да, имаше дискусии за цените на билетите, но тоа е повеќе од неинформираност отколку од тоа дека луѓето, навистина, се сомневаат во вредноста на настанот. Никакви дискусии не можат да ја намалат вредноста на врвните уметници и на уникатноста и на значењето на овој настан. Едноставно, чаршиските муабети не можат да фрлат црна дамка на историскиот настан што нѐ очекува. Во изминативе месеци имаше многу настани што ни од далеку не можат да се според со овој настан, но сепак се продадоа и по неколку концерти, а, очигледно, тоа е показател дека има публика што може да купи билети. Ваквите муабети, всушност, укажуваат на тоа дека луѓето не ја вреднуваат класичната музика, која е светлосни години над сето ова по квалитет, а, исто така, и уметниците што се занимаваат со класична музика, нивната инвестиција во музичкото образование, како и занимавањето со музика како професија. Убаво е да се направи споредба со слични настани во светот за да се види каде сме ние, а каде се другите вакви институции во напредните светски средини (таму каде што и ние претендираме да бидеме). На пример, доколу некој сакаше да оди на гала-концертот во МЕТ, ќе треба да си обезбеди билет од 950 долари, па нагоре. Дискутабилно е дали е ова ниска цена на билет за кој било Американец од средната класа. Нејсе… Да се оди на концерт во „Карнеги хол“, пак, на кој настапуваат уметници како Ашкенази и Трпчески, и тоа во редовната сезона (значи не на специјален концерт) нема да можете да купите билет за помалку од 60/70 долари. Во Европа е слична состојбата за концертите во редовната сезона. А доколку станува збор за концерт што е како нашиот, односно посебен, тогаш цените на билетите се минимум седум до осумпати поскапи од овие кај нас. И нема потреба за дополнителни споредби бидејќи редовните концерти во Македонска филхармонија се по цени од 150, 250, 300, 400, 500, 600 денари, за светски, врвни уметници, за кои каде било во Европа најниската цена на билетот ќе биде 30/35 евра. Ако некој толку многу сака да не слуша, може(ше) да дојде на нашите редовни концерти и да ужива во нашето музицирање. Но, оваа сала сега се отвора и за сите граѓани се отворени вратите да дојдат и да уживаат во концертната сала веќе на 1 јуни, а понатаму и во новата концертна сезона, која ќе почне во септември. За овој свечен концерт билетите се веќе распродадени.
Се разбира, ако некој, навистина, од каква било причина не може да дојде на свеченото отворање, ќе може да ги посети и следните концерти, кои ќе се одржуваат отсега во новата сала. Што најавувате следно?
Чаначевиќ: Како што веќе споменав, на 1 јуни е следниот концерт со наслов „Видеоигра“ многу интересен концерт на кој ќе биде изведена музика од познатите и популарни видеоигри. За крај на нашата сезона, традиционално, а оваа година и јубилејно во Градскиот парк, десетта година по ред од „Види музика, слушни слика, добиј книга“. Потоа новата сезона ќе ја почнеме во септември, а веќе кон средината на летото ќе ја најавиме новата концертна сезона, која ќе биде првата официјална концертна сезона во новата сала. Навистина сум горда што успеавме да го оствариме нашиот сон со оваа концертна сала, но и со сите тие уметници за кои некогаш сме сонувале да ги слушаме, да ги имаме како дел од концертните сезони на нашиот оркестар. Бескрајно сме ѝ благодарни на публиката, која во изминативе години нѐ поддржуваше на нашите концерти и веруваме дека сега, кога имаме нов дом, таа публика повторно ќе биде со нас, да се радува и да се насладува на нашето музицирање.
Разговараше: Невена Поповска
Фото: Дејан Станчевски
(Текст објавен во 246. број на неделникот „Република“, 19.5.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Концертот „Souvenir de Florence“ в сабота во Македонската филхармонија
-
Македонската филхармонија на турнеја во Шпанија
-
Бетовеновата „Деветта“ на сцената на Македонската филхармонија под диригенство на Густав Кун
-
Ѓорѓи Цинциевски, контрабасист: Македонија ја има најдобрата концертна сала на целиот Балкан