„Париз, те сакам“ беше насловен концертот кој го одржа Македонската филхармонија со познатата унгарска џез-вокалистка Миртил Мишелер на Денот на вљубените. Тоа беше вечер полна со љубов и со незаборавна музика. На концертот беа изведени популарни француски шансони кои ги испеале Едит Пјаф, Ив Монтан, Жо Дасин, Мишел Легранд.
– Ми претставува голема чест што ме поканија да настапам на оваа прекрасна вечер посветена на љубовта и да исполнам прекрасни песни и аранжмани. Во исчекување сум на вечер полна со љубов и незаборавна музика – рече Миртил пред настапот во Скопје со Македонската филхармонија на концертот „Париз, те сакам“.
Миртил Мишелер е родена во 1972 година во Будимпешта и е една од најпознатите унгарски вокалистки, особено во сферата на европската џез-сцена. Таа настапи како солист на концертот на Македонската филхармонија и ги донесе најпопуларните француски шансони кои првпат во Македонија прозвучија со филхармониски оркестар.
Откако дипломира како џез-вокалист на Музичката академија „Франц Лист“, кариерата на Миртил токму како џез-пејачка рапидно ќе порасне.
Досега настапувала со повеќе бендови и соло-артисти од својата земја, а чест гостин е на познатата унгарска група „Бенко Диксиленд бенд“.
Во 2004 година го реализира деби-албумот „I Just Found Out About Love“, а потоа и албумот „Same As You“, кој стекнува голема популарност и е номиниран за „Фонограм“ за најдобар џез-албум за 2007 година, годината кога Миртил е ставена на листата како една од 50-те најдобри млади унгарски уметници според реномираниот унгарски весник „Маѓар хирлап“.
Миртил е и пејачката ѕвезда во популарното унгарско ТВ-шоу „Saturday Night Fever“ и вокален учител на познатиот национален натпревар по пеење „Megastar“. Нејзиниот трет соло-албум „Save the last dance for me“ (2008), на кој се наоѓаат џез-евергрини во придружба на квартет со уникатни аранжмани, исто така, наиде на широка популарност.
– Миртил е многу позната во Европа и во светот, многу е интересна како вокал и начинот на кој интерпретира. Прекрасно се вклопи заедно со оркестарот во интерпретација на француската музика – смета директорката на Македонската филхармонија, Маја Чаначевиќ.
Инаку, Миртил е позната во музичките кругови по нејзината полилингвалност бидејќи извонредно пее и на унгарски и на англиски, и особено на француски јазик. Нејзината желба да го живее францускиот сон се родила уште кога била дете.
– Мојата кариера ја почнав со американските џез-стандарди, а потоа почнав да експериментирам и со други стилови, како фанк, поп, блуз, латино-музика. Во тие години не пеев на француски јазик иако истиот ми беше близок. Затоа почнав да размислувам како моите свинг афинитети да ги поврзам со мојата љубов кон францускиот јазик и музика, и на тој начин во 2011 година произлезе албумот „Свингстик“. Мојот последен албум го сочинуваат песни од Едит Пјаф преработени во еден специфичен, цигански свинг-стил. Во Скопје првпат ги пеев овие песни во нивните оригинални верзии – вели таа за нејзината полилингвалност и за желбата да пее, освен на унгарски и англиски, и на француски јазик.
Заедно со гитаристот Пинтер го издава и албумот „True Colours“ (2009), следната година и двојниот албум „Randez-vous“, на кој се наоѓаат и познати француски теми, со кој ги наполни концертните сали низ Европа, а во 2011 година и мошне популарниот албум „Swinguistique“.
– Со гитаристот Тибор Пинтер работиме на многу заеднички проекти, настапуваме како дуо глас и гитара со многу различни репертоари, свириме различен стил на музика, исполнуваме популарни песни на наш специфичен џез-начин. Успешно функционираме повеќе од 11 години – вели Миртил.
Нејзин следен предизвик е враќање кон корените на нејзината земја.
– Размислувам да му пристапам на унгарскиот фолклор на еден нов, свеж начин. Сакам да адаптирам некои оригинални унгарски мелодии на мојот џез-стил. Сѐ уште работам на тоа, но би сакала да реализирам еден ваков проект – раскажува Миртил.
Диригент на концертот беше Борјан Цанев, оркестрациите се на Емин Џијан, а го режираше Дејан Прошев. Француската вечер со Македонската филхармонија и Миртил Мишелер, покрај музика и одлична вокална изведба, понуди и поезија од францускиот поет Жак Превер, која на сцената ја читаше актерот Васил Зафирчев. Тој на свој специфичен начин ги интепретираше двете класични теми на славниот Жо Дасен: „Ако не постоиш“ и „Индијанско лето“, но и стиховите на големиот француски поет Жак Превер.
Аранжманите на Емин Џијан беа одлични. Тој како оркестратор ја избрал Македонската филхармонија во целосен состав.
– Ова е безвременска музика. И денес да ја слушате, Едит Пјаф звучи свежо. Тоа е музика која не застарува, не поминува. Сѐ уште е модерна. Она што сакам да го истакнам, е дека покрај оркестарот на сцената ќе има и бенд кој ќе го збогати настанот. Тоа се: Благоја Перуновски на хармоника, Зоран Костадиновски на гитара, јас ќе свирам клавир, Иван Бејков на акустичен и електричен бас и Мартин Вучиќ на тапани. Ова е убав концерт кој донесе посебна атмосфера – вели Џијан.
Разговараше: Невена Поповска
(Текст објавен во 233. број на неделникот „Република“, 17.2.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Концертот „Souvenir de Florence“ в сабота во Македонската филхармонија
-
Македонската филхармонија на турнеја во Шпанија
-
Бетовеновата „Деветта“ на сцената на Македонската филхармонија под диригенство на Густав Кун
-
Ѓорѓи Цинциевски, контрабасист: Македонија ја има најдобрата концертна сала на целиот Балкан