Македонската фудбалска репрезентација нема право на грешка против Луксембург, а токму таквите натпревари се најтешки за играње. Македонија е фаворит, особено што мечот од второто коло во квалификациите за пласман на ЕП 2016 во Франција ќе го игра на арената „Филип Втори“ во Скопје, но луксуз е да се потцени Луксембург.
Таа репрезентација има низок рејтинг во Европа, но фудбалот во Луксембург брзо напредува. Во јуни годинава одиграа нерешено, 1-1, со гигант како Италија, секако на пријателски натпревар, но резултатот е за почит. Дека се во добра форма репрезентативците на оваа земја потврдија и со уште една мини-сензација, во првото коло од овие квалификации кога одиграа нерешено, повторно 1-1 со Белорусија.
Историска победа им е во квалификациите 2008 против Швајцарија со 2-1, а тој успех беше прославен бурно во Луксембург. Костурот на репрезентацијата им е составен главно од домашни фудбалери, кои претежно настапуваат во Дуделанж, Диферданж и Фола Еш, но има и интернационалци.
Капитенот Марио Муч игра во Сент Гален, Швајцарија, Крис Филипс е член на францускиот Мец, Двејн Холтер игра во германската Втора лига во Гројтерфирт, Крис Герсон настапува за шведскиот прволигаш Норчепинг, Максим Шано е во составот на белгијски Кортријк, што покажува дека сѐ повеќе се пробиваат на фудбалските пазари во познатите лиги.
Мечот ќе се игра в четврток од 20.45 часот во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


