Во подножјето на Зајчев Рид, од левата страна на реката Вардар, во непосредна близина на населба Злокуќани, се наоѓа уште еден од многубројните археолошки локалитети во Македонија, античкиот град Скупи, древниот предок на Скопје.
Пред доаѓањето на Римјаните на овие простори, градот бил македонска градска населба, а со Римјаните, градот прераснал во колонија со што почнал општиот развој и процут. Скупи се наоѓал на една важна сообраќајница, која ги поврзувала Егејско Море и Средна Европа, а во помала мера и Тракија со Јадранско Море. Ваквата местоположба, а воедно и неговата големина и невообичаената правоаголна рамка, упатува на фактот дека овој град бил некогашен легиски каструм (касарна).
Пронајдените историски податоци зборуваат дека во 313 година Скупи станал епископско седиште, а нешто повеќе од еден век подоцна и архиепископско. Овој град својот голем економски и културен подем го забележал во два различни временски периода, првиот во 1 и во 2 век, а вториот во раниот 4 век по Христа. Скупи бил и цел на многубројни напади од страна на разни варварски племиња, кои оставиле траги на неговата територија. Градот ја доживеал истата трагична судбина како и многуте други градови во Македонија, страдајќи во катастрофалниот земјотрес што во 518 година го потресол поголемиот дел од Македонија. Според пронајдените писмени извори, населението не настрадало бидејќи претходно, поради зачестените и сѐ пожестоки напади од страна на непријателските племиња, побарало прибежиште во блиската околија.

Археолошките истражувања на оваа античка населба откриле градби со чијашто помош се реконструира ликот на некогаш виталниот град Скупи. Во неговиот централен дел се наоѓала Базилика 1, што претставува трикорабна градба со двојна апсида свртена кон запад. Подните површини се во мозаик во кој претежно се среќаваат геометриски шари. Во текот на научните истражувања во објектот се пронајдени голем број делови од декоративна и од друга архитектонска пластика, меѓу кои од особена важност е добро сочуваниот коринтски капител. Базилика 1 со поголемиот свој дел лежи врз остатоци и урнатини на некои градби од постара фаза. Судејќи според ова, а особено според нејзината монументалност и структура и извонредната внатрешна декорација, оваа базилика датира од раниот 4 век по Христа.
На северниот крај на градот се издига прекрасниот антички театар во кој биле изведувани драмски претстави. Изграден е во 2 век од новата ера, според римска шема. Многубројните остатоци од декоративната архитектонска пластика укажуваат на тоа дека оваа театарска зграда била богато украсена. Неговата монументалност зборува за театарот како за објект со исклучително голема важност затоа што во тоа време во него се одвивал целиот културно-забавен живот во градот.
Под театарот, на неговата југозападна страна, сместена е Базилика 2, која како и првата е со три кораби. Нартексот е на западната страна, а на источната страна се наоѓа полукружната олтарна апсида. Северно од нартексот е изградена пастофорија, а нејзиниот пандан на јужната страна не е сочуван поради големото оштетување.

Југоисточно, до јужниот кораб се наоѓа баптистериум. Дел од базиликата лежи на слична конструкција, што индицира постоење постар објект, кој би можел да биде еднокорабна базилика. Меѓу корабите на Базилика 2 постоела колонада и меѓу столбовите имало двојни ниши украсени со фрески, кои се со разнобојни геометриски мотиви. На обата краја од нартексот постоеле влезови. Во нејзината внатрешност се пронајдени мермерни капители, ажурирани розети и друг вид архитектонска декорација. На подот од базиликата нема никакви траги од мозаик, но според состојбата во која се наоѓа подот може да стане збор за основа за поставување мозаик. Подните површини на нартексот и на северната пастофорија се покриени со тули.
Базилика 2 датира од почетокот на 6 век. Таа имала доминантна позиција во тогашното Скупи, што го докажува самата техника на градба, како и парите на римски владетели пронајдени под нартексот. Недоволно застапениот црковен инвентар наведува на претпоставката дека базиликата сѐ уште била во градба кога се случил земјотресот.
Јужно под античкиот театар се наоѓа уште една градба од античко време. Станува збор за палата што ја сочинуваат неколку поголеми простории. На ѕидовите на една од овие простории се насликани фрески, чијашто орнаментика е изведена во разнобојни геометриски шари. Ова говори за свечениот карактер што го имала оваа просторија.

Неодвоив дел од градот претставуваат градските гробишта – некрополи, каде што се откриени голем број драгоцени пронајдоци, кои придонеле во составувањето на историскиот мозаик на градот. Во нив се застапени предримски, раноримски и доцноримски гробови. Според начинот на закопувањето, гробовите на овие некрополи се делат во две групи, и тоа со инхумација (скелетен закоп) и со кремирање (палење на телата на покојните). Друг показател што може да послужи како временска одредница се гробната архитектура и конструкција.
Пронајдените материјали и предмети го покажуваат различниот социјален статус на граѓаните на Скупи, неговите културни и економски белези, кои говорат за еден град како значајна станица на патот Виа Егнација.
Врз основа на изложеното може да се предочи дека Скупи нуди големи можности за проучување на вкупната античка македонска историја и култура, но и римската, а и пошироко на Балканот.
Како дел од моќното Римско царство, Скупи (SCVPI) бил направен плански и со правоаголна основа. Бил долг 2.500, а широк 2.000 римски стапки, со површината од околу 40 хектари. Во него од раноримските градби е откопан само театарот. Што ли размислувале тие дамнешни луѓе додека удобно сместени на своите седишта ги гледале трагедиите и комедиите? Моќните камени ѕидини на театарот, вгнездени во срцето на градот одекнувале од претставите на некогашните големи антички писатели.

Римскиот театар на локалитетот Скупи, кој потекнува од 2 век од наша ера, целосно ќе се реконструира до 2017 година. Ќе бидат обновени сценската зграда и околу 10.000 седишта во гледалиштето, со што локалитетот ќе биде оспособен за културни манифестации.
– Римскиот театар беше покриен од големи наноси земја и истражувањето беше многу сложено. Резултатите се огромни и видливи и, според динамиката, а и додека дозволуваат временските услови, оваа година ќе се заврши целото истражување. Интензивно се работеше и на сценската зграда на театарот и во септември ќе се изработи проект за нејзина конзервација – рече Канческа-Милевска.
Во рамките на следните чекори од реализацијата на проектот за Римскиот театар во Скупи: во 2015 година ќе се конзервира сценската зграда, која има многу зачувани елементи, во јануари треба да се направи проект за целосна конзервација на гледалиштето на театарот, од кој е откриен уште еден лак, а по изработка на проектот ќе следува тендер за реконструкција. Се работи за голем театар, кој имал од девет до десет илјади седишта.
– Според планот, очекуваме овој огромен римски театар да биде целосно конзервиран, реставриран и ставен во употреба на крајот на 2016 година и почетокот на 2017 година. Тој ќе биде потврда за огромното културно наследство што го имаме и еден комплексен објект што ќе привлече огромен број туристи и ќе понуди богата културна програма и различни манифестации што ќе се организираат на локалитетот – додаде министерката за култура.

Покрај истражувањето на објектите на локалитетот, најдени се и артефакти од неколку периоди. Предметите се конзервираат паралелно со истражувањата на терен.
– При ископувањата се најдени интересни и значајни наоди. Меѓу нив би ги издвоил праисториските наоди на два гроба од железно време, потоа повеќе од 50 гробови од средновековниот период, датирани со монети, повеќе од три и пол илјади предмети што ги попишавме, кои се конзервирани и чекаат да бидат изложени пред јавноста – рече Антонио Јакимовски, раководител на истражувањата на Скупи.
Но, Скупи имал и приватни згради, како и ранохристијански базилики од кои една била богато украсена со мозаици и со декоративна пластика. Од другите градби тука се два рова за модерен водовод преку целиот локалитет, како сведоштво за големите технички достигнувања на една цивилизација, која својот процут го доживеала со самракот на друга цивилизација. Поплочената улица, пак, ни кажува за еден посебен, жив и осмислен свет. Место каде што се одвивал речиси целиот профан живот на градот.

Со исчезнувањето на Скупи, од лицето на историјата исчезнал цел еден богат свет на верувања и на вековни традиции. Остатоците од градска бања може само да го потврдат сведоштвото дека градот живеел, дишел, битисувал, со еден тогашен ритам на времето. За тоа ни говорат и големиот број најдени употребни предмети, чијашто намена била во приватниот или, можеби, духовниот живот и кои денес ги красат витрините на Музејот на Град Скопје.
(Пишува: Невена Поповска | Фото: Ѓорѓи Личовски
Текст објавен во 108. број на неделникот „Република“, 26.09.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Античкиот театар во Скупи нема да се надградува, туку само реставрира и конзервира
-
Националната телевизија од Естонија ќе снима репортажа за Македонија
-
Кашкавалот од Лазарополе се продавал дури и во Египет
-
„Македонија: земја на питите, страста и изобилството“: прекрасна странска репортажа за храната


