
Грчкиот премиер Андонис Самарас следната недела во Берлин ќе се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел.
Со најавата на средбата, грчките медиуми почнаа да шпекулираат и за можните теми на разговор меѓу премиерите на Грција и на Германија, јави дописникот на МИА од Атина.
Весникот „Елефтеротипија“ пишува дека покрај тоа што е најавено оти на работниот ручек ќе се разговара за економската ситуација во Грција, на маса ќе бидат и прашања од европската и од надворешната политика.
– Второто (надворешната политика), со оглед на притисокот кој Берлин во последно време го врши за интеграција на Скопје во НАТО и ЕУ без претходно да се реши прашањето за името, покренува прашања. Атина, секако, не признава дека на средбата ќе има таква тема, а сигурно ќе се дискутира и за кризата во Украина – пишува „Елефтеротипија“.
Средбата на Самарас со Меркел се оценува како еден од најважните состаноци за време на мандатот на грчкиот премиер и е со цел да најде заеднички став со германската канцеларка по прашањето за грчката програма за реформи и дополнително олеснување на долгот на Атина.
Во Берлин средбата е најавена како „рутинска“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


