| четврток, 6 декември 2018 |

Марсовци против паднати од Марс

Шпанците за нас се „марсовци“, изјави капитенот на македонската фудбалска репрезентација Томе Пачовски по тешкиот пораз од 1-5 против актуелниот европски првак на стартот од новиот квалификациски циклус. За индивидуалните квалитети на шпанските фудбалери и репрезентацијата како целина нема непознати во фудбалскиот свет. Дека беа фаворити и тоа огромни против Македонија немаше дилема, па некако поразот и беше очекуван, реален и неизбежен. Зошто тогаш повторно сме разочарани од нашата фудбалска претстава?

Имаме нов состав, за жал со стари навики, со истите недостатоци што како на филмска лента ни се повторуваат од циклус во циклус. Без трчање, без желба за победа, и карактер да се покажат заби дури и против апсолутен фаворит како што синоќа во Валенсија беше Шпанија, нема успех. Домаќините навистина играа како марсовци, нашите „ѕвезди“ вклучувајќи го и селекторот се однесуваа како паднати од Марс.

И новото руво што го најавуваше селекторот Бошко Ѓуровски се покажа како старо, излитено, веќе видено, лошо, несоодветно за квалификации, за сериозни противници од калибарот на Шпанија, Украина, Словачка, Белорусија. Ако играме како на стадионот на Леванте, тогаш и Луксембург ќе биде голем залак за голтање.

Со одбрана составена од бавни тешкаши, кои слабо ја антиципираат играта и движењата на противничките напаѓачи, во модерниот фудбал немате шанса за добар резултат. Не само против Шпанија, туку против било која селекција во Европа. Особено ако ја составувате на „ѓутуре“ со дел од фудбалери кои не се стандардни во своите клубови.

Средниот ред беше посебна приказна. Па веројатно само уште ние имаме репрезентативци што играат со страв. Од грешка, од погрешен пас, круто и неивентивно, со почетнички грешки во основните правила на фудбалската игра. Да не може да се „врзат“ две до три додавања без да се загуби топката станува подвиг за македонските репрезентативци. Со оловни нозе и преголем респект кон противникот, па макар наспроти Вас се величини од калибарот на Фабрегас, Силва, Педро, Бускетс…. нема успех.

Ѓуровски вели „одговорноста е моја“. Ќе собере ли храброст селекторот да ги преточи зборовите во дело. Во македонскиот фудбал најлесно стана да се даваат ефтини изјави, без практична одговорност. „Одиме понатаму“, „ќе биде подобро, треба трпение“ и „создаваме нова селекција“ се дел од омилените фрази во фудбалското македонско милје. Со години наназад едно те исто. На прсти можат да се избројат фудбалските работници што собраа сили достоинствено да си ги признаат грешките и поразите и да се повлечат. Во сите сегменти на македонскиот фудбал, вклучувајќи ја и репрезентацијата и домашните Лиги.

Конечно е време за вистината, колку и да е сурова. Да си признаеме дека слабо работиме во младинските категории, дека имаме лошо подготвени фудбалери, кои ни оддалеку не можат да ги следат модерните трендови во фудбалот. Ниту на психофизички план, ниту на полето на техниката. И конечно да ги следиме неприкосновените правила што се Устав во сите национални селекции на планетата. А, тие се едноставни и велат дека во репрезентацијата треба да играат најдобрите без разлика на возраста, тие што се стандардни во клубовите, и оние што имаат желба со гордост, машки и бескомпромисно да ги бранат фудбалските бои на својата земја.

Токму тоа го бараат обичните фудбалски навивачи кај нас. Сакаат да се игра машки, борбено, со срце и почит кон националниот дрес. За да не „црвенеат“ од немоќ и срам од чудните потези, движења и додавања што и синоќа ни се повторија на „Естадио Сиудад де Валенсија“.

Лажна е претставата по секој репрезентативен и клупски дебакл дека сите сме селектори, дека се знаеме, дека сите се мешаат и немаат трпение. Тоа е само ефтино алиби на вистинските виновници. На сите што работат во македонскиот фудбал во последните две децении. И клупски и репрезентативен.

Само за потсетување и поткрепа на аргументите доволно е да се напомене, дека Македонија е меѓу ретките во Европа што се уште го чека својот прв клупски преставник во фазата по групи во Лигата на шампионите или Европа Лигата. За жал и во квалификациите за ЕП и СП репрезентацијата постојано останува со куси ракави и е далеку дури и од битката за евентуален бараж. Доволно за срам и вистинска одговорност на вистинските виновници за очајната состојба во македонскиот фудбал.

 

Пишува: Зоран Поповски

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top