
Вардар – Металург, најдобрите македонски ракометни екипи утре го имаат првиот дуел сезонава. Тие се сретнуваат во рамките на ракометната СЕХА лига, а мечот ќе се одигра во СРЦ Кале со почеток во 20:15 часот
Шпанскиот стратег Раул Гонзалез со свое видување за првиот домашен натпревар во новата сезона за “цвено-црните”.
“Ние сме шампиони во ова натпреварување и имаме обврска да бидеме тим што на секој натпревар ќе оди на победа. Затоа на домашен терен мораме да го совладаме Металург.Оваа сезона подготовките ги започнавме покасно но формата е во нагорна линија, а тоа треба да го докажаме на саботниот натпревар. Целта и оваа сезона е да бидеме дел од Ф4 турнирот. Овие натпревари се одлична можност за воигрување на екипата и подобрување на нашата игра”.
Во пресрет на утрешниот натпревар кај шефот на стручниот штаб на Металург, Лино Червар, владее вообичајната спокојност:
„Ова ќе биде натпревар како и секој друг. Но, ќе биде интересен и убав предизвик и за екипите и за публиката. Вардар е тим за кој треба убаво да се зборува. Без разлика што го совладавме во Струга, тој е во улога на фаворит оваа сезона“, вели Червар.
„За нас овој натпревар ќе биде добра проверка пред настапите во Лигата на шампионите, како за поискусните играчи, така и за помладите, кои ќе имаат уште една можност да се пробаат против силен противник. Ќе направиме добра комбинација и сите ќе имаат корист од оваа средба“, надополни стратегот на Металург.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


