Министерството за здравство, во рамки на Програмата „Здравје за сите“ почна со подготовки за реализација на проектот „Телефонска линија за медицински совети – Ало Докторе!”. За таа цел на 5 август беше објавен оглас за изразување интерес на доктори кои ќе работат во новоформираниот повикувачки центар.
Од Министерството соопштувааѕ дека на огласот досега се пристигнати 9 апликации од различни специјалности во медицината, кои согласно критериумите, треба да имаат најмалку 10-годишно работно искуство како доктори-специјалисти. На конкурсот може да аплицираат доктори кои се вработени во јавни или приватни здравствени установи, како и невработени или пензионирани доктори. Работата во повикувачкиот центар за докторите кои се во работен однос, ќе се одвива вон работното време.
Министерството за здравство потсетува дека огласот е отворен до 20 август и воедно ги мотивира сите заинтересирани доктори да аплицираат по електронски пат на mail-адресата: alodoktore@zdravstvo.gov.mk.
Повикувачкиот центар ќе почне со работа од 15 септември и ќе обезбедува советодавни здравствени услуги, односно консултации и упатства за граѓаните при појава на сипмтоми за кои не е неопходен итен медицински третман (главоболка, настинка, покачена телесна температура, и сл.).
Телефонската линија ќе биде достапна 7 дена во неделата, по 24 часа, со цел да се овозможи непосредна медицинска консултација за граѓаните во моментот на појава на било какви симптоми на нарушување на здравјето, а воедно докторите ќе даваат медицински консултации и совети за правилна употреба на лековите, со акцент на лековите од ОТЦ-листата кои се достапни во продажба во супермаркетите и бензинските станици.
Докторите во повикувачкиот центар од „Ало Докторе“, ќе бидат поврзани и со националниот електронски систем „МојТермин“ и ќе можат да му помогнат на пациентот со известување за следните чекори во однос на извршената телефонска консултација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.