Голем успех на Македонија во третиот натпревар од квалификациите за европското првенство во 2015 година. Нашите јунаци денеска ја победија Белорусија на гостински терен со 81-70. Младите кошаркари покажаа како се игра за дресот со македонскиот грб. Се бореа до последната минута и не дозволија да бидат изненадени и со право се вбројуваат во најтесниот круг на кандидати за европското првенство.
Уште од првата минута на натпреварот покажаа зошто се дојдени во Минск. Одиграа маестрално во сите линии на одбраната, а посебно се истакаа во нападот и шутот за три поени.
Погодија дури 16 тројки од 31 обид занемарувајќи ги поените од рекетот каде белорусите постигнаа двојно повеќе. Сите што се обидоа да постигнат три поени беа повеќе од успешни со повеќе од 50 проценти успешност. Селекторот Александар Џикиќ успешно ја темпираше формата кога беше најпотребно. Го извлече максимумот од играчите во статистичката категорија каде се најквалитетни.
Дури пет играчи постигнаа двоцифрен број поени. Ги преводеше Бојан Трајковски со 17 коша. Успешни во нападот беа и Александар Костовски со 15 поени, Дарко Соколов и Марко Симоновски постигнаа по 11, додека Хендрикс имаше дабл-дабл учинок од 10 поени и 10 скока. Дојде до израз неговата игра под кошевите каде се очекуваше да биде најдобар.
Во нашата група Белгија во третото коло ја победи Данска со 71-50 и е единствената репрезентација која рамо до рамо со Македонија ќе се бори за првото место кое води на Евробаскетот 2015 година. Да потсетиме дека дури шест второпласирани репрезентации од седумте групи истотака ќе се пласираат на европското првенство догодина.
Македонија шансата за пласман ја има во свои раце.
Следното коло Македонија гостува во Белгија кај директниот конкурент за првото место.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



