Во Македонската опера и балет вечерва премиерно ќе биде изведена операта „Атила“ од Џузепе Верди, со што се одбележуваат 200 години од раѓањето на композиторот. Диригент на претставата ќе биде Алесандро Дагостини од Италија, режијата е на Дејан Миладиновиќ од Србија, а асистент на режисерот е Трајко Јордановски. Сценографијата е на Александар Златовиќ од Србија, костимографијата на Миланка Берберовиќ од Србија, а кореографијата е на Олга Панго. Концертен мајстор е Верица Ламбевска, асистент на хор-мајсторот Ѓурѓица Дашиќ е Јасмина Ѓоргеска, а корепетитори на претставата се Елена Сиљаноска, Јанинка Невчева и Андреја Наунов.
Во улогата на Атила ќе настапи Иван Томашев (бас) од Србија, како Ецио ќе настапи Борис Трајанов (баритон), , Одабела – Весна Ѓиновска-Илкова (сопран), Форесто – Ѓорѓи Цуцковски (тенор), Улдино – Дејан Стоев (тенор),
и Леоне – Славчо Димовски (баритон).
Претставата е во копродукција со Народно позориште од Белград – Србија.
Операта „Атила“ е во три чина. Нејзината светска премиера била изведена на 17 март 1846 година во театарот „Ла Фениче“ во Венеција. Атила бил крал на Хуните, владеел од 434 до 453 година со огромно кралство кое се простирало од Данска до Панонија и од Рајна до Касписко Море. Неговата власт ја признавале многу германски и словенски племиња, а повремено и Византија. Неговиот обид да ја освои западноримската провинција Галија во 451 година е безуспешен затоа што е поразен од римскиот војсководец Ецио кај Каталунските Полиња. Следната година ја пустоши Италија, го разорува градот Аквилеја, чии жители бегајќи ја основаат Венеција. Целта на походот е Рим. Во пресрет му доаѓа папата Лав Први, кој успева да го „преобрати“ Атила и тој отстапува од уништувањето на вечниот град.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



