| четврток, 6 декември 2018 |

Тибо Куртоа би можел да отиде на нова позајмица?

Белгискиот чувар на мрежата на Челси, Тибо Куртоа, не доби број на новиот дрес, па англиските медиуми шпекулираат дека тој одново може да биде пратен на позајмица.
Куртоа минатите три сезони ги мина во редовите на Атлетико Мадрид како позајмен фудбалер и беше еден од најзаслужните за освојување на титулата во Шпанија по пауза од 18 години. Последната титула Атлетико ја освои далечната 1996 година.
На официјалниот веб-сајт на клубот од Лондон беа претставени играчите со нивниот број на дрес. На сликата на повратникот во редовите на тимот од „Стемфорд бриџ“ нема број. Исто така броеви на своите дресови не добија ниту Рајан Бертран, Ромелу Лукаку, Марко Марин, Ореол Ромеу и Виктор Мозес. Сите овие играчи не се во планот на тренерот Жзе Мурињо за следната натпреварувачка сезона.
Интересно е што повратникот во екипата Дидие Дрогба веднаш доби дрес со број 15.
Тибо Куртоа во Атлетико Мадрид го носеше дресот со број 13, кој сега е слободен бидејќи минатата сезона овој број на грбот го имаше токму Виктор Мозес.
Куртоа по враќањето во матичниот клуб изјави дека сака да биде прв голман на „сините“ од Лондон и да го заземе местото на неприкосновениот Петр Чех. Во врска со оваа изјава се изјасни и самиот Чех, кој потсети дека секогаш го дава максимумот за тимот и дека го заслужува местото во стартните 11 играчи.
Шпанскиот спортски весник „Марка“ пренесува дека Мурињо сака да избегне некакво недоразбирање меѓу двајцата голмани кои важат за едни од најдобрите во светот, сличен на оној во Реал Мадрид меѓу Икер Касилјас и Дијего Лопез, додека Португалецот беше на клупата на „кралскиот клуб“. За да не се случи истото и во Челси, би можел Куртоа да отиде на нова позајмица, но во нов клуб бидејќи Алтетико Мадрид веќе го купи Јан Облак од редовите на Бенфика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top