Турското разузнавање утврди дека во џихадистичката организација Исламска држава во Ирак и Левантот (ИДИЛ) има двајца турски команданти, пишува „Хуриет дејли њуз“.
Анкарското обвинителство минатиот месец почна истрага за киднапирањето на турските граѓани од страна на ИДИЛ. Како главен осомничен во истрагата е посочен лидерот на организацијата Абу Бакр ал Багдади. Освен тоа било утврдено дека двајца турски граѓани, идентификувани како Исмет А. од Анкара и Мурат Г. од Коња се дел од командниот состав во камповите за обука на ИДИЛ.
Обвинителството побара од разузнавачката агенција МИТ и Министерството за надворешни работи да ги истражат врските на ИДИЛ во Турција и да го проучат раководството на групацијата.
Во рамки на истрагата ќе бидат сослушани и сведочењата на 32-цата турски возачи, кои беа киднапирани од ИДИЛ и ослободени на почетокот на овој месец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



