| четврток, 6 декември 2018 |

„Катимерини“: Меркел ги повика Грција и Македонија да го решат спорот

katimerini 3

Спорот меѓу Грција и Македонија околу името е „товар“ за Европа, пишува грчкиот весник „Катимерини“ во врска со изјавата на Меркел во Дубровник, додавајќи дека германската канцеларка повика да се најде решение дури и ако двете страни бидат разочарани, јавува дописникот на МИА од Атина.

– Можеме да најдеме начин да се реши овој проблем. Имам поминато време на ова прашање и на имиња и можни комбинации, но понекогаш мислам дека нема ништо друго што може да се предложи, ја пренесува „Катимерини“ изјавата на Меркел на годишната средба на Брдо-Бриони процесот меѓу лидерите на земјите од Југоисточна Европа.

Весникот нагласува дека ова е „втор голем ангажман на Меркел во спорот со името“. Во ноември минатата година таа во Берлин се сретна со медијаторот на Обединетите нации, Метју Нимиц.

– Во Германија велиме дека компромис е постигнат кога секоја страна е подеднакво незадоволна, рече Меркел во Дубровник, додавајќи дека решението на спорот со името ќе овозможи Македонија да напредува во своите напори за влез во Европската унија и НАТО.

„Грчките дипломати неодамна беа загрижени дека обидите на Македонија да влезе во НАТО повторно ќе бидат покренати на следниот самит на Алијансата, во велшкиот град Кардиф, во септември, но генералниот секретар Андерс Фог Расмусен изјави дека проширувањето на Алијансата нема да биде на дневен ред“, пишува „Катимерини“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top