Леб, сирење и домат. Најубав ручек во лето. Не верувам дека некој може да ѝ одолее на оваа комбинација. Посебно ако сирењето е од Бистра. Познавам многумина што цело лето можат да појадуваат, ручаат и вечераат само овчо бело сирење, со домашен месен леб и со зрел домат. Многу големи гастрономски имиња не можат да ја објаснат оваа комбинација од бело сирење, домат и од бело брашно, но кога ќе го пробаат, едноставно занемуваат. Вкусовите се надополнуваат. Ги допираат сите сетила.
Отсекогаш, прва асоцијација за Маврово и за планината Бистра се зимата и скијањето. Но, вистинските вљубеници во оваа планина ја сакаат во секој дел од годината бидејќи таа е убава и прекрасна во сите годишни времиња. Наесен, кога ги има сите најубави бои – жолта, зелена, кафена и црвена, во зима се белее, напролет и во лето е раззеленета, а само планинските цвеќиња го дополнуваат и така преубавиот пејзаж.
На патот кон Галичник, селото што е многу актуелно на Петровден, кога се одржува традиционалната Галичка свадба, се наоѓа бачилото на овчарот Шабан Нануди, на планината Бистра.

Тој се занимава исклучително со производство на бело сирење и на урда во мандра. Мандра е место на планина каде што се молзат овците и се преработува млекото. Нануди има 2.000 овци во своето бачило. Тој, заедно со своите синови се грижи за нив и произведува бело сирење.
– Правењето сирење на традиционален начин во моето семејство постои веќе четири генерации. Занаетот го научив од чичко ми. Многу е важно да го „погодиш“ солилото. Според мојот рецепт и така како што мене ме учеа, во водата со сол треба да ставиш едно јајце или еден компир. Кога јајцето или компирот ќе испливаат на површина, тогаш значи дека водата е доволно солена за да стои сирењето во него. Но, јас веќе имам рутина и искуство и знам да проценам, од око, што се вели – раскажува Шабан.

Тој вели дека за да направиш добро сирење, многу е важна хигиената.
– За неа се грижиме јас и синовите. Едниот син е повеќе ориентиран кон маркетингот, тој се занимава со продажбата. Ова овчо бело сирење го купуваат ресторани, хотели, но и граѓани што еднаш го пробале, се враќаат и си купуваат канти сирење за дома – вели Шабан.

За овците на Шабан се грижат 25 кучиња – шарпланинци и средноазиски овчари.
– Овците ми се судбина. Ги наследив од татко ми. Тој беше овчар и загина од гром чувајќи овци. Јас не сакав да ја продолжам неговата традиција и се обидов да ги продадам. Но, секогаш нешто ме спречуваше. Во секој обид да ги продадам, нешто ми се испречуваше на патот. Тогаш сфатив дека овците се мојата судбина. Почнав да го учам занаетот од чичко ми и сега моите деца учат од мене – вели Нануди.


Тој потекнува од гостиварско село и таму престојува само во зима, кога со овците се сели долу, во падината. Другите девет месеци е на Бистра, каде што произведува бело сирење
и ги пасе овците.
– Ова е занает што не треба да изумре. Од него може убаво да се живее, но и државата може да профитира. Може да се направи и туристичка атракција. Со тоа и Бистра ќе заживее во лето, а не само за време на Галичката свадба, кога сѐ се раздвижува околу Галичник. Овие овци пасат на најубавите пасишта, чисти, незагадени и потоа од нивното млеко се прави сирење, кое е висококвалитетно и конкурентно на светските пазари. Затоа тоа треба да се искористи и како мамка за туристите – смета Нануди.

Белото овчо сирење е производ што треба да биде заштитена марка, која ќе овозможи развој на сточарството и на руралниот туризам во високопланинските краеви на Македонија.
Побрзото донесување државна стратегија што ќе го опфати овој сектор ќе почне да носи корист. Според податоците, намален е бројот на овци и, воопшто, намален е интересот за овчарството во Македонија. Федерацијата на фармери и Албанскиот земјоделски совет во рамки на проектот финансиран од програмата на ИПА за прекугранична соработка со Албанија сметаат дека е потребно да се подобри социо-економскиот статус и благосостојбата на руралното население во Полог и во Пелагонија од македонска страна и во регионите Дибра и Елбасан од албанска страна.
Според познавачите, неопходна е подолгорочна промоција на постојните традиционални производи, но и подобрување на понудата за рурален туризам на пограничните региони како атрактивни дестинации. За руралните општини, особено планинските, развојот на туризмот и на сточарството се можност за напредок. Во овој регион, пред неполн век се одгледувале сто илјади овци и сточарството може да придонесе за развој на овој крај.
(Пишува: Александра М. Бундалевска | Фото: Александар Ивановски
Текст објавен во 96. број на неделникот „Република“, 4.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Националната телевизија од Естонија ќе снима репортажа за Македонија
-
Кашкавалот од Лазарополе се продавал дури и во Египет
-
„Македонија: земја на питите, страста и изобилството“: прекрасна странска репортажа за храната
-
Јадранскиот град кој полека умира: Беше иднина на Мусолини, стана жртва на систематско запоставување


