Силна поддршка за новиот Предлог-Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, Македонија доби од Обединетите нации.
Постојаната координаторка на ОН, Луиза Винтон денес присуствуваше на јавна расправа и го ислуша министерот Диме Спасов кој го образложи овој Предлог-Закон, потенцирајќи ја бескомпромисноста со која Македонија ќе ја води оваа битка.
-Ние како Обединети нации, на овој закон гледаме како на крупен чекор за Македонија и пример кој треба да го следат другите земји. Сакам да истакнам само неколку од многуте позитивни мерки кои се вградени во нацртот. Пред се, утврдувањето на еден мултисекторски пристап кој ги дефинира одговорностите и надлежностите на сите релевантни институции. Второ, силните заштитни мерки за жртвите од семејно насилство, вклучувајќи ги високите парични казни за оние кои нема да ги почитуваат налозите на судот за заштита и можноста да се отстранат сторителите на насилството од семејниот дом. И трето, низата мерки кои се насочени кон превенирање на второстепената виктимизација, вклучувајќи го и правото на жртвите да бидат придружувани од даватели на поддршка во текот на целата болничка, полициска и судска постапка, а исто така да покренат и судски тужби против било кој стручен работник, кој нема да превземе дејство за обезбедување помош, како што бара законот – потенцира Винтон.
Она што таа го истакна како мала забелешка, е дека во македонскиот закон сторителите на семејно насилство се претставени со родово неутрален пристап и дека недвосмислено во светот и во Македонија, жените се жртви, а мажите сторители.
Сепак, иако нивниот број е многу мал, се случува и мажите да бидат жртви на семејно насилство, токму затоа во македонскиот закон е потенцирано дека за секој сторител на вакво дело, ќе има најстрога казна.
Постојаната координаторка на Обединетите Нации, немаше информации колку често во светот, децата се жртви на семејно насилство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



