Академијата за судии и јавни обвинители на Македонија од денеска во наредните пет дена ќе биде домаќин на турската правосудна академија претставувана од претседателот на Академијата Јилмас Акчил како и членови од врховниот суд на Турција, судии, високи претставници на државниот совет и членови на судската академија.
Посетата е резултат на Меморандумот за соработка склучен помеѓу двете академии во 2011 година на која според претседателката на Академијата за судии и јавни обвинители на Македонија Анета Арнаудова ќе се оствари размена на едукатори и ментори, како и ќе се изврши обука за наставните техники.
– Посебно не интересираат наставните техники кои ги користи Академијата на Турција за нивната почетна обука и начинот на влез на идните судии и обвинители во правосудната професија. Не интересираат и нивните достигнувања на планот на компјутерската технологија , бидејќи Турција е особено напредната во процесот на комјутеризацијата на судството – рече Арнаудова.
Нагласи дека на покана на Академијата за правосудство на Турција, нашите кандидати од почетна обука оваа година ќе бидат гости во Анкара и Истанбул.
За претседателот на турската Академија Македонија е на првото место во регионот на кое тие даваат големо значение и поддршка.
– Нема земја каде што не се појавува проблем пред судија или обвинител. Сите проблеми на земјата почнувајќи од индивидуалните проблеми, како проблемите во семејството, поминуваат преку правосудството. Затоа е многу важна независноста на судството и неговата добро поставена информатичка подготвеност – истакна Акчил.
Појасни дека турските судови компјутерски се поврзани преку мрежа каде сите судии и обвинители во секој момент можат да видат што се случува со предметите. Додаде дека на оваа посета тоа искуство ќе го споделат со Академијата на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.