И покрај забележителните разлики во општествениот и политички живот, источноевропските земји во средниот век формирале единствена меѓународна заедница базирана на заедничка културна традиција, која за основа ја зема византиската културна традиција. Нив ги врзувала истата источно-христијанска вероисповед, со константинополската црква како мајка, византискиот император како извршна власт и римско-византиското право како судски систем, за разлика од англосаксонскиот правен систем, кој денес го употребуваме во Република Македонија. Овој концепт е полезна гледна точка за согледување на меѓународните односи во Источна Европа во тоа време, а бога ми и денес бидејќи очигледно работите не се мрднати од мртва точка.
Основа на овој концепт, кој социјалните антрополози го нарекуваат акултурација, е општествата со различни култури да стапуваат и да се мешаат во непосреден и траен допир. Меѓутоа, не одело сè баш толку лесно. Византијците, верни на хеленистичкото наследство, барем на полето на книжевноста, никогаш не се ослободиле целосно од убедувањето дека Словените, кои го прифатиле грчкото христијанство, не се ништо друго освен – варвари. Истата двосмисленост се јавува и кај Македонците, Србите, Бугарите… Византијците ретко биле омилени меѓу нив. Соочени со надмоќната вештина и со сомнителните методи на дипломатија, нашиве дошле до убедувањето дека царските агенти на терен биле интриганти, на кои не можело да им се верува. Еден руски летописец, околу 1100 година, запишал: „Грците останаа измамници до ден денешен“.
Сепак, ова чувство на недоверба и на повредена гордост избледело пред големината на интелектуалниот и духовен свет на византискиот комонвелт. Религијата и правото, книжевноста и уметноста – сите посведочиле за фактот дека нивните образовани класи биле византиски ученици. За овој амбиент да биде успешен му биле нужни творечка енергија и космополитски карактер способен да ги премости и државните граници и јазичните меѓи. Два такви амбиента ја охрабриле средбата меѓу Византијците, од една страна, и Македонците, Србите, Русите и Бугарите од другата страна. Едниот амбиент е содржан во кирилометодиевската традиција, а другиот во верското и културно движење, кое настанало во светогорските манастири.
Така, настанал нов книжевен јазик, кој им бил разбирлив на сите – стар, црковнословенски јазик, кој станал трет меѓународен јазик во Европа, веднаш по грчкиот и по латинскиот. Кирилометодиевската традиција создаде еден восхитувачки канал за ширење на византиската култура и на христијанството во Источна Европа. Света Гора го претставувала вториот стожер на византискиот културен комонвелт. Првиот манастир бил основан во 963 година. Манастирите станале големи книжевни центри во кои византиските религиозни писанија биле преведувани на словенски јазик. Кон крајот на средниот век, меѓународната улога на Света гора станала уште позначајна со движењето што денес е познато како – исихазам. Движењето ги поврзало заедно, веројатно поцврсто од кога и да било, разните делови на комонвелтот.Неговата посредничка улога се покажала не помалку важна од улогата што ја одиграла кирилометодиевската традиција.
Изминаа векови од падот на Византија, а градот на Босфор денес има сосема друго геополитичко значење. Сепак, проблемите на Византија се актуелни и денес. Можеби креаторите на политиката на денешниве „Византијци“ треба малку да се осврнат на историјата, пред сè во контекст на заедничко културно обединување.
(објавено во 19. број на неделникот „Република“, 11.01.2013)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.