Македонија ја забележа првата победа во квалификациите за настап на Европското првенство, а на стартот од вториот турнир што се игра во Словенија ја победивме Летонија со 3-0.
Со тоа и се реванширавме на Летонија и се израмнивме со бројот на бодови, бидејќи сега двете селекции имаат по една победа и три порази. Првиот сет беше најнеизвесен и заврши со резултат 31-29 во поени за нас. Потоа се одеше полесно, а противникот како да се замори, па македонските одбојкари ги добија следните два сета со 25-19 и 25-17, за убедлива победа од 3-0 во сетови.
Сепак за нас неповолен исход имаше на премиерниот меч од турнирот во Словенија, каде домашната селекција ја изненади фаворизираната Полска и ја победи со 3-2 во сетови. Полјаците имаа предност од 2-0, но се случи пресврт, што не ни оди во прилог. Полска и Словенија имаат по 3 победи и по еден пораз и се многу блиску до настап на ЕП.
Утре од 16 часот ќе играме против Словенците во натпревар што мора да се добие за да се продолжат надежите за сензација и настап на континенталниот собир.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.