| четврток, 6 декември 2018 |

Турбето на Имарет со векови е симбол на мистеријата за Ана Ташула

Гробот и денес е нем сведок на едно немирно време. Очите на Ташула секој ден биле свртени кон Имарет. Долго и длабоко тагувала по своето чедо, а мајчинската болка останала длабоко во нејзината душа. Името на девојчето никогаш не се дознало

Ба­ле­тот „Охрид­ска­та ро­бин­ка Та­шу­ла“ работен според либретото на Миле Волканоски, кореографија на Владимир Логунов, музика на Стојков, изведена од оркестарот на МОБ, под диригентско водство на Саша Николовски-Ѓумар, како спектакуларно дело беше поставено на сцената на Македонската опера и балет. Костимите ги изработи Александар Ношпал, а сценографијата е на Борис Максимовиќ од Белград. Главната улога ја толкуваше Александра Мијалкова, а настапија: Катерина Кипроска, Марија Јосифовска, Наташа Николова, Искра Шукарова, Олга Панго, Василиј Чичијашвили, Кире Павлов, Горан Божинов и други.

– „Охридската робинка Ташула“ е трето целовечерно домашно балетско дело, кое со својата содржина нѐ враќа во едно дамнешно време и се базира врз вистинска случка од времето на турското ропство во Охрид. Инспириран од овој трагичен романтично- патетичен настан, композиторот Стојан Стојков ја компонира музиката чиј мелодиско- ритмички корен лежи во македонската народна песна, односно традиционалниот македонски мелос. Оттука во живата изведба на оваа современа или, како што самиот композитор вели, неофолклорна музика, беа вклучени во живо покрај оркестарот на Македонската опера и квартетот „Даутовски“ со традиционалните народни инструменти, како и женската вокална група „Танец“ – вели Емилија Џипунова.

Reportaza88-2

Вистинскиот настан, кој говори за робинката Ана Ташула, води покрај црквата на Плаошник до осаменото турбе. На прв поглед не може да се дознае кому му припаѓа, т.е. чие тело почива тука, ниту од натписот кој е испишан со арапско писмо.

Според искажувањата, таму е закопан великодостојник, за кого никој не знае ништо, освен тоа дека е извесен бег, но сите знаат дека со него се закопани и телата на неговите деца убиени од раката на сопствената мајка – Ташула.

Reportaza88-3

Османлиската империја кон крајот на 18 век ја зафаќа феудална анархија и почнува да слабее. Пашите и беговите изразуваат непослушност кон султанот и од собираниот данок не плаќале ништо. На почетокот биле помалку, но подоцна бројот на таквите феудалци се зголемувал сѐ повеќе и повеќе. Меѓусебно војувале за превласт на имотите. Таквите феудалци, главно, ги имало по еден во секој град. Во Македонија најпознати биле Абдурахман-паша од Тетово, Исмаил-бег од Серес, Реџеп-паша од Скопје, Алија-бег од Струмица и најголемиот од нив Али-паша Јанински од Јанина. Охрид бил под непосредна управа на полунезависниот феудалец Џеладин-бег, кој бил поддржан и од Мустафа-паша Шкодранин.

Во 1822 година за време на Негушкото востание, Али-паша Јанински го повикал охридскиот Џеладин-бег на помош за да го задуши востанието на неговиот феудален посед. По задушувањето на бунтот, Џеладин-бег од Негуш се враќа со четири робинки кои биле наменети да му слугуваат во сарајот. Само на две од нив им се знае името. Едната била Султана, се омажила со дозвола од бегот во едно охридско семејство, а другата Ташула, која станала втора жена на Џеладин-бег.

Ташула била донесена во сарајот како дванаесетгодишно девојче. Сабие анама, првата сопруга на Џеладин-бег, се грижела за девојчето. Како што изминувало времето, Ташула израснала во прекрасна девојка. Маѓепсан од нејзината убавина, бегот ја присилил да му стане втора жена. Првата жена на Џеладин-бег, Сабие анама, била внука на Али-паша Јанински и во бракот со неа Џеладин-бег немал деца. Богатиот бег копнеел по пород, а убавата Ташула забременила и му родила дете.

Reportaza88-4

Џеладин-бег располагал со три сараи и во еден од нив живеела Ташула. Сарајот се наоѓал над градот, со прекрасна глетка.

– Во она време бил познат меракот на охридските бегови за уживање и прошетка во најубавите места околу Охрид. Изворите кај Бејбунар и Студенчишта беа привлечни места за такви излети. Дури и од мојата младост го паметам отворениот, двокатен павилјон во Студенчишта, изграден во турско време, и изворската вода разнесувана со мали, отворени каналчиња и тркалезни базенчиња-аузи во кои се разладуваа лубеници и пијалаци. Најголемото уживање се чувствувало во прошетки по езерото. Охридските чунови, кои преживеаја сè до Втората светска војна, за таква цел имаа посебен додаток наречен чардак. Во средината на чунот, меѓу двата странични рабови, се додаваше таа поширока и рамна конструкција од греди и штици со парапетна ограда од сите четири страни. Врз штиците се простираа килими и перници – запишал Никола Поп Стефанија во 1818 година.

Џеладин-бег управувал, во исто време, со уште два македонска града: Струга и Ресен. Всушност, под негова непосредна власт се наоѓале Охридско, Струшко и Преспа, иако турските власти се стремеле да ги намалат и да ги стеснат границите на неговото влијание. Џеладин-бег управувал сурово со сите жители на Охрид, Струга и на Ресен, без оглед на народност и вера. Но, тој, сепак, се застапувал за некакви етички принципи. Познато е дека наредил да се обеси еден Турчин заради насилство над македонска селанка. Сличните постапки му помогнале донекаде да стане дури и популарен.

За да го отстранат Џеладин-бег, централните власти на турското царство го назначиле Ибраим-паша од Берат, еден од најверните луѓе на султанот, за управител на град Охрид и на Охридско и Струшко. Штом разбрал за таа опасност, за зета си Џеладин-бег, Али- паша Јанински испратил војска да го спречи Ибраим-паша да влезе во Охрид. Војските се судриле во 1801 година на струшка територија, во близина на селото Заграчани. Победил Ибраим-паша. Сепак, тој се смирил со Али-паша Јанински. Благодарение на тоа, Џеладин- бег владеел во овие краишта до 1830 година кога избегал во Скадар, во Албанија, кај еден свој друг заштитник.

Reportaza88-5

Џеладин-бег ги измачувал луѓето со чести бесплатни работи (ангарии). На тој начин изградил раскошни сараи (феудални дворци) во Охрид, Ресен и во Струга. Сараите биле мошне интересни згради. Околу нив течела вода. На третиот кат се наоѓал еден салон, во вид осумстрана призма, со по една чешма, на секоја страна, со вкусно украсени мермерни корита. Сараите биле волшебно убави и долги години претставувале вистинска атракција, дури и за европските патописци, што го посетувале овој крај, додека не биле разурнати.

Ташула имала прекрасен дом, но не била среќна. Џеладин-бег бил толку вљубен во убавата христијанка што дозволил во сарајот да биде изградена и мала црквичка. Тука Ташула можела да ги обавува своите христијански ритуали за да не мора да оди во останатите цркви на молитва. Убавата Ташула три години по раѓањето на ќерката ја задушува. На бегот му кажала дека девојчето умрело.

Таа чедоморството го сторила затоа што не можела да се помири со фактот да остави пород од човек кој не е припадник на нејзината вера. Девојчето го погребале на Имарет, под крошните на коџиџикот. Гробот и денес е нем сведок на едно немирно време. Очите на Ташула секој ден биле свртени кон Имарет. Долго и длабоко тагувала по своето чедо, а мајчинската болка останала длабоко во нејзината душа. Името на девојчето никогаш не се дознало.

– Самиот назив Имарет, значи народна кујна. Турскиот бег му давал храна без пари на охридското население. И денес на 6 мај Турците што живеат во Охрид одат на ова место и му палат свеќи во знак на благодарност. Ако сега се качите горе, ќе видите дека има запалени свеќи, а спроти него е гробот на ќерката на Џеладин-бег. Тој е помал, тука има еден коџиџик и тука е закопана ќерката на Ташула – раскажал К. Поп-Стефанија во 1935 година.

Reportaza88-6

По спроведувањето на енергичните реформи во турската империја, узурпаторот на власта Џеладин-бег во 1830 година бил присилен да бега од Охрид. За време на бегството на  Џеладин-бег, првата негова жена, Сабие анама, не можела да ја смири омразата додека не ѝ се одмаздила на Ташула. Наредила да се запали сарајот каде што живеела за таа да изгори заедно со него. Но, Ташула имала среќа и се спасила од огнената стихија. Останала да живее во Охрид и доживеала длабока старост од 90 години со спомените на своето девојче. Живеела во Варош до крајот на 19 век.

Постојат искази дека Долни сарај, всушност, бил објектот кој изгорел од раката на жената на Џеладин-бег. А, многу е пишувано за Ташула: Борис Чипан напишал монографија, Нушиќ расказ или нешто слично, Иван Точко драма, Костадин Кајдамов легенда, Миле Волканоски пишувал во стихови…на кои музика напиша композиторот Стојан Стојков и го изработија балетот со наслов „Охридската робинка Ташула“.

– За мене, крајот на балетот беше со завршниот дел на силниот драмски настап на тапаните. Практично, целата приказна за мене заврши со силувањето на Ташула и сето тоа што се случуваше натаму, чедоморството и другите настани во животот на главната јунакиња, за мене немаше повеќе значење – вели Стојков во разговорот со Васка Наумова-Томовска, објавен во списанието „Музика“, број 11 од 2004 година, во однос на сличностите на балетот со историскиот настан.

Значи, дејството во балетот завршува со силувањето на Ташула, а нема сцени пред и по чедоморството во балетско-оперски контекст.

 

(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 88. број на неделникот „Република“, 9.05.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top