| четврток, 6 декември 2018 |

Телекомуникациските оператори не смеат бесконечно да ги користат податоците на клиентите

вир
Заштитата на личните податоци во телекомуникацискиот сектор е тема на 55. состанок на Меѓународната работна група, кој денеска и утре се одржува во Скопје, а чиј домаќин е Дирекцијата за заштита на личните податоци. Учесниците, преку 40 домашни и странски експерти, ќе разговараат и за неодамна донесената пресуда на Европскиот суд на правдата за тоа дека телекомуникациските оператори не смеат бесконечно да ги користат личните податоци на клиентите.
Телекомуникацискиот систем е развојно најнапреден и во него постојат најмногу можности за злоупотреба на личните податоци, предупредува директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Димитар Ѓеоргиевски. Секој што собира, обработува и чува лични податоци е можен прекршител на приватноста на граѓаните, но, потенцира тој, телекомуникациските оператори во Македонија се на прилично високо ниво усогласени со прописите за заштита на лични податоци.

Питер Шар, кој до неодамна бил германски комесар за заштита на приватноста, посочува дека има многу деликатни прашања, како што е, на пример, прашањето за „Биг дата“.

– „Биг дата“ собира податоци секаде и тоа голем број на податоци кои можат да бидат употребени за да се реши некаков голем проблем во нашето општество, но исто така може да биде и проблем и можеби закана по нашата приватност. Ние мораме да најдеме начини за балансирање помеѓу ризиците и предизвикот што го носи технологијата. Ова е задачата на оваа работна група – изјави Шар.

Посочувајќи на пресудата на Европскиот суд на правдата, Шар рече дека судот нагласил дека не е во согласност со европските закони барањето секој податок за комуникација  да биде чуван иако лицето не е осомничено дека сторило кривилно дело.

– Има уште прашања поврзани со масивното собирање на лични податоци на компании кои не се од Европа туку во САД и кои ги користат податоците. Мора да има јасни ограничувања за овие цели – предупредува Шар.

Граѓаните кои живеат во земјите од ЕУ, според него, се жалат на повеќе работи во однос на телекомуникацискиот сектор и прашања кои се поврзани со кои податоци се собираат, колку и за какви цели се користат.

Освен за пресудата на Европскиот суд на правдата, на состанокот ќе стане збор за теми поврзани за приватноста на скајп, за прекршувањата на приватноста на социјалните мрежи што е и тоа како значајно за Македонија.

– Бројот на претставки добиени во оваа област во 2013 година во нашата институција зборува за тоа дека ни треба уште повеќе напор да вложиме за да работиме на подигање на свеста, но и на санкционирање на прекршителите на овие дела – изјави Георгиевски.

Две третини од претставките што Дирекцијата ги добила во текот на минатата година се однесуваат за прекршување на приватноста на социјалните медиуми. Според Геоергиевски, тие се поднесени од граѓани кои се жалат дека им е злоупотребена приватноста. Зголемувњето на бројот на претставки, оцени Георгиевски, за злоупотребата на личните податоци е резултат на подигање на јавната свест на граѓаните.

– Негативните трендови не можеме да ги одбегнеме, меѓутоа ваквите конференции се користат за заземање ставови и стекнување искуства за превенирање на состојбите. Гугл, Амазон, или некој трет е присутен насекаде во светот и затоа ние не можеме да бегаме од комуникациите. Напротив, тие ни се потребни за споделување на искуствата, знаењата, или на пријателства, но секако треба да бидеме свесни за предизвиците, но и опасностите од нив – рече Георгиевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top