Дирекцијата за заштита на личните податоци, „ЕВН Македонија“, Снабдување со топлина „Балкан енерџи“ ДООЕЛ – Скопје, „Водовод и канализација“ – Скопје и ЈРП „Македонска радио-телевизија“ почнаа заеднички проект за ажурирање на збирките на лични податоци на граѓаните, корисници на услугите, како и нивните обврски за давање на личните податоци во контекст на исклучоците од примената на Законот за заштита на личните податоци, објави „Дневник“.
Личните податоци на корисниците треба да бидат обработувани правично и во согласност со закон и да бидат соодветни, релевантни и не преобемни во однос на целите поради кои се собираат и се обработуваат. За целосно почитување на ова начело, ажурирањето на личните податоци ќе се врши со пополнување формулар, кој на граѓаните ќе им биде доставен заедно со следните сметки, а кој граѓаните ќе може да го остават во означените кутии во некои од наплатните пунктови на „ЕВН Македонија“, Снабдување со топлина „Балкан енерџи груп“ ДООЕЛ – Скопје или ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Kомпаниите што ги обезбедуваат јавните услуги се одговорни за обработката на личните податоци на корисниците и за роковите на нивното чување, но корисниците, исто така, имаат обврска да обезбедат точни и целосни податоци, но и да се информираат за тоа кои се останатите обврски во согласност со законите и договорите што ги склучуваат, информираат од Дирекцијата за заштита на личните податоци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.