Македонските потрошувачи најмногу се жалат на квалитетот на производите, на гаранциите и сервисните услуги, на работата и договорите на мобилните, фиксните и кабелските оператори, посочи денеска, на Светскиот ден на заштита на потрошувачите, претседателката на Организацијата на заштита на потрошувачите, Маријана Лончар-Велкова.
Според неа, граѓаните сѐ повеќе знаат за своите прави и како да ги остварат.
– Луѓето почнаа иниституционално да дејствуваат и да си ги остваруваат своите права. На нивните писмени барања до нашата организација секогаш имало позитивна разрешница, а во однос на телефонските совети кои ги бараат од нас или, пак, лично кога доаѓале, не сме сигурни во исходот – рече Лончар-Велкова.
Лончар-Велкова посочи дека за несообразноста на производот со неговиот квалитет имало 178 поплаки, 173 поплаки се во делот на е-услугите, 558 поплаки се кон јавните претпријатија и се однесуваат за застареност на побарување, правилниците утврдени од страна на Регулаторот, испорака на топлинска енергија, раскинување договори со кабелски оператори, нееднаквоста на наплата на потрошувачите кај корисниците на ЕВН Македонија со нови и стари броила, радиодифузната такса, 357 поплаки се во областа на гаранциите, а 178 се за неквалитетни производи и услуги.
И од Агенцијата за храна и ветеринарство и од Државниот пазарен инспекторат посочуваат дека граѓаните, главно, се жалат на квалитетот на производите и услугие, но и дека инспекциите направени по нивните реакции потврдиле дека во 85 проценти од случаите граѓаните биле во право.
Дел од поплаките граѓаните ги упатиле и за услугите во банкарскиот сектор, а тоа беше и повод денеска, на Светски ден за заштита на потрошувачот, Министерството за економија и Здружението на банкарство при Стопанската комора на Македонија да потпишат Кодекс за заштита на потрошувачите.
– Принципите на овој кодекс се етичко и професионално однесување на банките кон клиентите, примена и почитување на законите, чување на личните податоци, транспарентност, како и фер однесување и грижа за корисниците. Банката е партнер во финансиското работење и заштита на клиентите. Треба сите да работиме во интерес на клиентите бидејќи живееме од нив – рече претседателот на Здружението, Ѓорѓи Јанчевски.
Анче Трифунов, државен секретар во Министерството за економија, рече дека од потпишувањето на кодексот, корист ќе имаат потрошувачите и трговците
Мотото на Светската организација за заштита на потрошувачите за денешниот светски ден е „Заштита на потрошувачките права“, односно правата на потршувачите да се почитуваат, а не да се игнорираат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.