| четврток, 6 декември 2018 |

Пендаровски ги повика граѓаните од сите етнички заедници да излезат на гласање

Кандидатот за претседател од СДСМ Стево Пендаровски вечерва на митинг во Битола ги повика сите граѓани и сите етнички заедници во Македонија да излезат на гласање и да ги поддржат опозициските кандидати од листите на СДСМ и здружената опозиција.

pendarovski

– Нашите сограѓани, Албанците во Македонија го бојкотираа првиот круг од претседателските избори. Не знам дали се подготвува нешто слично и за вториот круг. Но, сакам да им порачам дека со седење дома и со бојкотирање само на претседателските избори тие всушност сигурно им даваат нов мандат на истите што сега ја водат Македонија – посочи Пендаровски.

Проопозициското расположение во Македонија, рече Пендаровски, е неспорно.

– Ние на 27 април ќе оствариме сигурна двојна победа. Каков и да биде изборниот резултат, според сите проценки битката за враќање на Македонија на нормален колосек ќе трае многу подолго – додаде Пендаровски.

На митингот во Битола беа претставени кандидатите за пратеници за кои лидерот на СДСМ, Зоран Заев рече дека се кадровски избор согласно новиот концепт.

– Ќе ја вратиме евтината тарифа за потрошена струја и тоа во викенд со целосно ослободување и минимум по 2 часа во работните денови, 30 отсто ќе ја намалиме радиодифузната такса и за сите социјално загрозени категории ќе има целосно укинување. Извршните постапки и Законот за извршна постапка целосно ќе го ревидираме за да парите останат во рацете на граѓаните. Ние велиме граѓаните пред се, затоа што тие се моторот и движечката сила на оваа наша земја – истакна Заев.

Првата мерка што ќе ја почувствувате на 28 април, веднаш по победата на 27 април, додаде Заев, се вика слобода.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top