| четврток, 6 декември 2018 |

Скопски фудбалски маратон

Скопски фудбалски маратон со три натпревари од Првата македонска лига е денешната понуда за љубителите на најважната споредна работа на светот.

Во три различни термини Работнички, Еуромилк и Вардар ќе ги играат своите натпревари на два стадиони во главниот град. Премиерата од 29. коло во најквалитетната македонска лига е на „Филип втори“ арената каде ќе се игра дербито за врвот меѓу лидерот Работнички и второпласираниот Металург.

Тој дуел ќе започне во 13 часот, а за најподготвените љубители на фудбалот во главниот град, маратонот ќе продолжи во населбата Маџари со мечот меѓу Еуромилк и Македонија Ѓорче Петров од 16 часот. Двете екипи се во грчевита битка за опстанок во Првата лига, па ќе биде интересно да се проследи и овој натпревар.

Шлагерот на 29. рунда повторно ќе се игра во Скопје и пак следи преселба на „Филип втори“ арената, каде копјата ќе ги вкрстат вечните ривали на македонскиот фудбал Вардар и Пелистер.

Дербито ќе се игра од 18 часот, а и тука влогот е голем, бидејќи и двете екипи се кандидати за титулата. Вардар атакува на третата едноподруго шампионска круна, а има 48 бода на петтата позиција, додека битолчани се надеваат на подвиг и освојување на првата титула во македонското првенство. Пелистер е на делба на втората позиција со 50 бода, заедно со Металург и Турново.

Двојки, 29 коло: Работнички – Металург, Еуромилк – Македонија Ѓ.П., Брегалница – Гостивар, Шкендија – Напредок, Турново – Ренова, Вардар – Пелистер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top