| четврток, 6 декември 2018 |

Филе во Македонија во јуни

Stefan Fule-2-NAI

Комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе, во јуни ќе дојде во Македонија во рамки на четвртата рунда од Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД).
Филе на 5 и 6 мај ќе биде во посета на Србија и Косово, но сепак, иако ќе се најде во регионот, од неговата канцеларија за МИА потврдиле дека тогаш нема да дојде во Скопје, со цел да го почека создавањето на новата Влада по предвремените парламентарни избори што ќе се одржат в недела на 27-ми април.
– Комесарот Филе потврди на последниот состанок со македонскиот вицепремиер за евроинтеграции Фатмир Бесими и со министерот за надворешни работи Никола Попоски, дека ќе дојде во Македонија во рамки на четвртата рунда на ХЛАД-от, но откако ќе се состави Владата по предвремените избори, изјави Петер Стано, портпарол на еврокомесарот за проширување.
Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Европската комисија и Владата на Република Македонија е создаден како еден вид мост до официјалниот почеток на преговорите за членство на земјата во Унијата, а со цел Македонија што повеќе да го усогласи сопственото законодавство со европското.
Неформалната Влада на ЕУ, пет години по ред издава позитивни препораки дека Македонија ги исполнува сите услови за да ги започне пристапните преговори со Брисел, но поради грчкото вето на Самитите на Европскиот совет, највисокото тело на Унијата не може да постигне консензус и да даде „зелено светло“ за предлогот на Еврокомисијата. Поради ваквиот став на Советот кон предлогот на Комисијата за Република Македонија, еврокомесарот Филе последниов период постојано повторува дека „е загрозен целиот процес на проширување на ЕУ, поради кој лани Брисел се закити и со Нобеловата награда за мир, ако после толку позитивни препораки, Македонија не почнува со преговори за членство“. Овој став на Филе се најде и во последниот прогрес-извештај на ЕК за Македонија

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top