| четврток, 6 декември 2018 |

Достижни два гола разлика за Фленсбург против Вардар

Македонскиот шампион Вардар загуби со два гола разлика во Фленсбург но ја задржа шансата со победа во реваншот од три гола да се пласира меѓу четирите најдобри екипи во ракометна Европа.

Шансата да се бори за „фајнал фор“ денеска на Вардар пред сите други му ја даде голманот Петар Ангелов со своите фантастични 18 одбрани , дел од нив во моментите од вториот дел кога гостите повеќе од 7 минути не можеа да дадат гол.

Одлично одигра и Карачиќ кој постигна 9 гола, Брумен 4, Тоскич и Дибиров по 3. Филип Лазаров, Душебаев и Прибак постигнаа по еден гол.

Судиите кои што во последната секунда го поништија голот на домаќините затоа што измина времето за игра во вториот дел од мечот поништија дури 3 гола на Вардар судејќи притоа фаули за гостите.

Вардар денеска немаше среќа при изведувањето на најстрогата казна, македонските ракометари промашија 3 пенали.

Високо мотивираните играчи на Вардар во Фленсбург беа поддржани од стотина Македонски навивачи кои што делумно пристигнаа од Македонија а поголем број се наши иселеници во овој дел од Европа.

Реваншот за пласман на завршницата на годинашнава лига на Шампионите се игра идната сабота во непробојниот бедем на македонскиот ракомет , салата „Борис Трајковски“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top