| четврток, 6 декември 2018 |

Македонската култура и традиција ќе живеат во eтноселото

На седум километри од центарот на Скопје, на површина од 12.000 квадратни метри се поставени куќи што ја претставуваат автентичноста на секој од регионите во земјава

Стрмен и раскопан пат води до комплексот „Македонско село“ во скопско Нерези. Градежните активности се во ек, а објектите во завршна фаза. Конечниот изглед проектот „Македонско село“ ќе го добие наскоро, а ќе привлекува туристи со промовирање на автентичноста на Македонија. Посетителите ќе добијат модел со нејзините убавини, собрани на периферијата на главниот град. Ридско-планински предел, куќи изградени од камен, со дрвени рамки и со покриви од ќерамиди, тесни селски сокачиња е сликата што постепено архитектите ја насликуваат на падините на Водно, веднаш над манастирот „Свети Пантелејмон“.

Во близината на Нерези најавената туристичка атракција, „Македонското етносело“, конечно добива финална форма и содржина. Во тек е изградба и на патот, кој, како што најавуваат изведувачите, наскоро ќе биде готов.

Reportaza84-Etnoselo-2

Етноселото е замислено како туристичка атракција со хотелиерска и угостителска дејност, чијашто цел е да се привлечат туристи во главниот град. Селото е составено од традиционални македонски куќи од различни региони во земјава, прилепска куќа, велешка, битолска, струшка, кратовска, кумановска, галичка, реканска куќа и други. Изградени се и ан, фурна, валалница, трло, штала, амфитеатар и други елементи, кои ќе служат за туристите да се запознаат со домашните обичаи и со некогашниот традиционален живот.

Секоја куќа е изградена со камен карактеристичен од тој крај, а имаат и различен чардак. Десет од куќите имаат два ката, додека струшката, галичката и реканската куќа се изградени на три нивоа. Во нив на приземје ќе бидат поставени елементи што ќе презентираат одредени занаети карактеристични за регионот. Во галичката куќа ќе може да се дегустира и да се купи галичко сирење, во прилепската ќе има машина за нижење тутун, а во кратовската на приземјето ќе биде винскиот подрум. Значи првиот кат на куќите претставува своевиден музеј каде што ќе бидат прикажани занаетчиски работилници, како грнчарница, ковачница, ткајачница, карактеристични за крајот од каде што потекнува изгледот на куќата, а во горниот кат ќе има соби за спиење, во кои ќе можат да преспиваат разни дипломатски претставници и туристи.

Покуќнината е веќе пристигната и полека се средува. Тоалетите се модерни, а собите удобни.

Reportaza84-Etnoselo-3

Освен куќи, во комплексот е изграден и музеј со предмети од македонската традиција и култура, народни носии и археолошки содржини. Како дополнителни содржини на амбиентот се и чешма сретсело, трло и бачило, но и меана во која ќе се служат македонски традиционални специјалитети. Чешмата е изградена меѓу анот, музејот и струшката куќа, а нејзината поставеност на сретсело треба да ја долови автентичноста на местото каде во минатото секогаш се состанувале селаните, се разменувале вљубени погледи меѓу младите, се прераскажувале тајни…едноставно таа била центарот на сите случувања. Во етноселото се направени две чешми, слични на тие што се карактеристични за маалата. Едната е поставена во долното маало, а другата на сретсело.

Со изградбата на оваа туристичка атракција во Скопје, според министерот за економија, Ваљон Сарачини, ќе се комплетира туристичката понуда, а тоа ќе придонесе за зголемување на бројот на туристи во земјава.

– Со изградбата на овој туристички производ и атракција во Скопје, ќе се комплетира туристичката понуда – вели министерот за економија Сарачини.

Стопанствениците сметаат дека кај нас недостигал ваков проект, со кој ќе се промовираат културно-историските вредности на земјата. Од Стопанските комори велат дека ваквите комплекси во други земји носат голем профит. Само Стокхолм од ваков комплекс годишно прави приход од 26 милиони евра.

Reportaza84-Etnoselo-4

Мислењата за економската исплатливост се различни, но преовладуваат тие што сметаат дека ова е одлична можност за поттикнување на селскиот туризам во земјава.

– Мислам дека ваквите села се токму реклама за селскиот туризам и најчесто ги посетуваат туристи што се на еден-два дена во посета на главниот град, а ваквото село треба да им ја разбуди љубопитноста да прошетаат малку и низ Македонија.
Според моето мислење, во оваа село треба во секоја куќа да има туристички информации за регионот што го претставува куќата. Тоа само дополнително ќе го заживее селскиот туризам – вели една скопјанка.

Македонското етносело се наоѓа на седум километри од центарот на Скопје. Содржи 12 куќи, кои ја претставуваат автентичноста на секој од регионите во земјава. Целиот комплекс е распослан на 12.000 квадратни метри и се очекува наскоро да биде завршен и подготвен да ги прими првите посетители.

Таканареченото „македонско село“ ќе биде поделено на селско-стопански двор и сместувачки капацитет. Во ова село, далеку од високите згради и гласната градска бучава, ќе живеат македонската култура и традиција. Традиционалните градби идеално се вклопуваат во околината.

Reportaza84-Etnoselo-6

Проектот почна да се реализира во јуни 2011 година. Основната идеја е да се претстават традиционалното македонско село, начинот на живот, нашата култура, архитектура, историјата на занаетите, спецификите на објектите карактеристични за сите етнички заедници во Македонија. Поставена е калдрма и се уредени тесните селски сокачиња, додека, пак, куќите се направени со посебен стил за секој град.

– Секоја куќа е изградена со камен карактеристичен за тој крај. Сите камења се со различна боја. Исто така, секоја куќа има и различен чардак, некоја поголем, некоја помал. Прозорците им се различни. Сите куќи се разликуваат една од друга и секоја е автентична на свој начин – објаснуваат изведувачите.

За посетителите подобро да го почувствуваат животот на село, подолу се изградени селско-стопански објекти, штала, воденица и валалница.

Целта е преку еден комплекс да се презентира животот низ целата земја, да се запознаат традициите и широката палета занаети што биле или сѐ уште се застапени. Воедно, во комплексот има и административна зграда и пријавница, каде што ќе се пречекуваат гостите и туристите.

– Туристите уште сега кога ќе дојдат до манастирот љубопитно гледаат во комплексот. Заинтересирани се за прошетка низ него. Очекувањата се дека во рамки со манастирот селото одлично ќе функционира – вели еден од работниците што работи на објектот.

Reportaza84-Etnoselo-5

Делот над скопското село Нерези, каде што се наоѓаат споменици, воени пештери, манастири, Милениумски крст, а сега и атрактивното „Македонско село“, кои претставуваат места за посета и за развој на туризмот, сѐ уште има лош приод и возењето по тој пат е, навистина, тешка мисија. Со децении патот постојано се прикрпува, но лесно попушта по поројните дождови и снегот.

– Замислата за овој проект „Македонско село“ со автентични градби од различни региони на Македонија е мошне атрактивна, а откако ќе се реконструира патот дотаму ќе се надминат сите тешкотии за посетителите бидејќи во моментов патот е катастрофален, велат жители што редовно се рекреираат во овој дел од планината Водно.

Овој дел од патот е во надлежност на Град Скопје од каде што најавија скорашна санација, а кога се движите нагоре забележливи се промените на патот. Тој наскоро ќе се прошири и наскоро комплексот ќе биде подостапен за посетителите.

Во светот има многубројни примери на вакви комплекси. Слични на проектот на „Македонско етносело“ е шпанското село во Барселона, Дрвен град на Мокра Гора во Србија, село Станчиќ во Босна и Херцеговина, Плитвице во Словенија и во Дубаи.

(Пишува: Невена Поповска | Фото: Александар Ивановски
Текст објавен во 84. број на неделникот „Република“, 11.04.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top