| четврток, 6 декември 2018 |

Богата програма за одбележување 20 години од воспоставување на дипломатските односи со Австрија

14 часа

По повод одбележувањето на дваесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Република Австрија, со поддршка на Министерството за култура, годинава ќе биде реализирана богата и разновидна културна програма преку која македонската култура ќе биде претставена пред австриската публика.

Македонската современа танцова естетика, во септември, пред австриската јавност ќе биде претставена преку изведбата на балетската претстава „14 часа“, за која музиката ја напиша Кирил Џајковски, а кореографијата и сценографското идејно решение се на Игор Киров. Во оваа современа балетска поставка во режија на Наташа Поплавска, настапуваат истакнати првенци од Македонската опера и балет, меѓу кои и примабалерината Александра Мијалкова, Васил Чичијашвили и други.

Драмскиот театар, во австриската престолнина предвидено е да ја изведе претставата „2012 – Последните Македонци“ по текст и режија на Сашо Миленковски, додека пак македонската современа ликовна сцена ќе биде претставена со изложбата на Музејот на современата уметност која содржи дела од македонски и австриски уметници. Ова значајно ликовно претставување ќе биде проследено и со концерт на нашата реномирана пијанистка и амбасадор на културата во Австрија, Елена Мисиркова.

Пред извесен период, со одбележување на 10-годишнината од организирањето на Виенскиот бал, во Скопје започна и реализацијата на програмата за претставување на австриската култура во Република Македонија.  Пред македонската јавност во Скопје, Битола и во Охрид во следниот период ќе бидат презентирани повеќе културни содржни преку кои на македонската публика ќе и биде доближена австриската современа културна сцена. Предвидена е изложба на цртежи на Леополд Форстнер, како и групната изложба „Obsessions“, во чии рамки ќе бидат претставени  дела од македонски и австриски современи автори. Во Скопје ќе се одржи предавање на австриската реномирана историчарка Лиза Фишер која ќе говори за психоаналитичарот Зигмунд Фројд. Австриската музичка сцена ќе биде претставена преку концерт на двајца реномирани австриски изведувачи на оргули, а во повеќе градови во Македонија ќе биде изведена операта „Cosi fan tutte“.

Поддршката на програмата за одбележување на 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи со Австрија е само дел од активностите на Министерството за култура за презентацијата и афирмација на македонската култура во меѓународен контекст и е во контекст на стратегијата континуирано и видливо да бидеме присутни во светските центри, на сите светски настани од областа на културата, на реномираните манифестации и фестивали, но и со богати културни содржини да се претставиме во земјите со кои одбележуваме годишнини од воспоставување на дипломатски односи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top