| четврток, 6 декември 2018 |

Поплавска: Не можев да останам рамнодушна на вакво совршено театарско дело

Улогите на Велма Кели и Рокси Харт во првиот мјузикл со лиценца кој се поставува во Македонија ги толкуваат актерките Арна Шијак и Јелена Јованова, а главната машка улога му е доверена на Жарко Димоски

На сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) за 26 септември е закажана премиерата на мјузиклот „Чикаго“. Режисерка на првиот мјузикл со лиценца кој се поставува на сцената на македонските театри е Наташа Поплавска, која уште пред десет години првпат стапила во контакт со агентот кој ги застапува авторските права на творците на светски познатиот мјузикл.

Публиката може да очекува да види вистинско шоу на сцената на МНТ, кој ги има сите можности за изведба на мјузиклот „Чикаго“. Мјузиклот е копродукција меѓу МНТ, Македонската опера и балет и Македонската радио телевизија.

 

Poplavska-Natasha-02

Мјузиклот „Чикаго“ е првиот мјузикл со лиценца кој ќе биде поставен во Македонија по сите параметри на Бродвеј. Како успевате да дојдете до лиценцата?
ПОПЛАВСКА: Да, мјузиклот „Чикаго“ е првиот бродвејски мјузикл со лиценца кој нашата публика ќе може да го види. За да ја добијам лиценцата, со бродвејскиот агент кој ги застапува авторските права на творците на мјузиклот „Чикаго“, првпат стапив во контакт пред точно девет години, а пред три години официјално ја добив лиценцата. Со тоа им овозможив на двете најголеми театарски куќи да влезат во продукција на мјузиклот „Чикаго“ и да го прифатат предизвикот.

 

Мјузиклот е копродукција меѓу МНТ, Македонската опера и балет и Македонската радио телевизија. Ќе има многу музика, танц и песна на сцената. Колку вкупно актери, пејачи, музичари, танчари, односно кој сè ќе учестува во овој проект?

ПОПЛАВСКА: „Чикаго“ e комплицирана театарска форма, земајќи предвид дека вклучува голем број учесници, а ја сочинуваат вкупно 70 изведувачи: актери, балетски играчи, оперски пејачи, оркестар. Секако, во заднината на изведувачите стои голема авторска екипа, техничка екипа, продуценти, музички продуценти, асистенти, така што се работи за огромна екипа која ја вложува својата креативна енергија во реализацијата на мјузиклот „Чикаго“.

 

Каков предизвик беше за вас работата на „Чикаго“?

ПОПЛАВСКА: Долго време ми е предизвик да работам на театарската форма мјузикл. Повеќе од десет години ja истражувам оваа форма и на македонската театарска сцена поставувам кабареа, музички и балетски претстави и мјузикли. Многу од нив се покажале успешни и за многу од нив се барала карта повеќе. Следствено на мојот режисерски пат, голем предизвик ми беше да се донесе мјузиклот на македонските театарски сцени на вистински начин. Затоа долго време работам на оваа темa, сѐ со цел да го поставам на македонската театарска сцена познатиот бродвејски мјузикл „Чикаго“. Едно време се чувствував како да се борам со ветерници, како Дон Кихот, но еве сонот се остварува благодарение на поддршката на Министерството за култура на Република Македoнија, коe имаше слух за развивање на мјузиклот како жанр на нашата театарска сцена.

 

Пред речиси една деценија, мјузиклот „Чикаго“ ги собра сите важни филмски награди, Ричард Гир и Рене Зелвегер освоија „Златен глобус“ за најдобри улоги, а Кетрин Зета Џонс освои оскар. Кој ги толкува главните улоги во македонската постановка на мјузиклот „Чикаго“?

ПОПЛАВСКА: Во улогите на Велма Кели и Рокси Харт и ќе ги видите актерките Арна Шијак и Јелена Јованова. Додека, пак, главната машка улога ја толкува актерот Жарко Димоски како гостин од Театар Комедија.

 

Бидејќи ова е мјузикл со лиценца, до кои правила требаше да се придржува екипата која го подготвуваше овој проект? Кој е автор на кореографијата и на музиката?

ПОПЛАВСКА: Најважното од сѐ е дека мјузиклот мора да се изведува во живо и по музиката и драмскиот текст кои се во оригиналната бродвејска верзија, за првпат изведена во 1975 година. Едно од важните правила за формата на самиот мјузикл е дека требаше да се задржи џез-танцот и стилот на познатиот кореограф и режисер Боб Фоси, кој ги освои не само бродвејската сцена, туку и филмското платно со многу негови мјузикли, како што се: „Кабаре”, „Сиот тој џез“ „Слатко милосрдие” и многу други. Тој заедно со своите соработници Фред Еб (текстописец) и Џон Кандер (композитор) го создаваат и мјузиклот „Чикаго“. А во мојата постановка на мјузиклот кореограф е Олга Панго со соработниците, балетскиот педагог Ирена Лозинска и кореографот Игор Киров.

Poplavska-Natasha-01

Што е она што Вам најмногу Ве импресионира во мјузиклите?

ПОПЛАВСКА: Она што мене ме импресионира е токму сложеноста на оваа театарска форма и соработката со разни видови уметници. Истовремено морам да признаам дека посебно ми се допаѓаат мјузиклите што ги создале токму Боб Фоси, Фред Eб и Џон Кандер, затоа што во нивните приказни ќе слушнете не само убава и богата музика, која е основата на овој театарски жанр, туку приказната, драмските ситуации и текстовите на песните се длабоки, искрени и емотивни. Многу од стиховите публиката ги памети, многу од песните остануваат во трајна меморија на публиката, како што се: „Life is cabaret”, „Money makes the world go around”, „All that jazz” и многу други. „Чикаго“ е мјузикл кој ги освои театарските сцени ширум светот, ги освои срцата на милиони гледачи, а јас не можев да останам рамнодушна на вакво совршено театарско дело.

 

Каква иднина му предвидувате на „Чикаго“? Ќе може ли да го видат и гледачи од другите градови, освен Скопје?

ПОПЛАВСКА: Мислам дека „Чикаго“ ќе ја забавува нашата публика, овозможувајќи ѝ во текот на целиот мјузикл да ужива во прекрасните ноти, песни, кореографии и костими што ги изработи мојот долгогодишен соработник Александар Ношпал, полнејќи ги очите со визуелниот дизајн на сцената, кој го изработи сценографот и видеоартист Емил Петров. Се надевам дека мјузиклот „Чикаго“ долго време ќе опстои на сцената на Македонскиот народен театар, a можност да ја видат ќе имаат голем дел од нашатa публика.

 

Работејќи на олку комплексен проект, дали откривте досега неоткриени таленти што ги поседуваат актерите, танчарите, музичарите?

ПОПЛАВСКА: Сите актери што се вклучени во проектот поминаа низ процес на заедничка работа, по која беа одбрани за улогите што ќе ги толкуваат. Поминаа низ работа со високи професионалци од македонската опера и балет, како што е работата со диригентката Бисера Чадловска, со џез-пејачката и музичарка Марија Димитријевиќ. Работата со кореографите и огромниот напор што го дадоа вроди со плод, а дали открив неоткриени таленти, ќе оставам публиката да види.

 

Премиерата е планирана за крајот на септември. Дали гледачите ќе видат вистинско шоу на сцената на МНТ?

ПОПЛАВСКА: Публиката може да очекува дека ќе види вистинско шоу на сцената на МНТ, кој ги има сите можности за изведба на мјузиклот „Чикаго“. Актерскиот, танчарскиот и музичкиот потенцијал на нашите театари е огромен, па затоа очекувам дека оваа театарска форма во Македонија допрва ќе се развива. Се разбира, поставувањето на мјузиклот „Чикаго“ бараше дополнителен напор, вложување и висока професионалност кај целиот тим за да може успешно да се реализира овој проект.

 

Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Емил Петров и Доријан Миловановиќ
(Интервјуто со Наташа Поплавска е објавено во 158. број на неделникот Република, 11.09.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top